На Skype до пред некоја година може да се каже дека му беа одбројани деновите додека од Microsoft целосно се насочат кон понудата на Teams кој сега има и посебен дел за приватните корисници. Фактот дека со години Skype го губи бројот на корисници на сметка на новите апликации за разговори, а во главно и од друштвените мрежи, направи да ова воопшто не е чудно, иако бројот на корисници на Skype не е за потценување.

Сепак, може да се каже дека корона кризата го спаси Skype, па од минатата година поради огромниот раст на видео разговорите, Microsoft го врати вниманието кон оваа апликација. Официјалното пуштање на Microsoft Teams за приватните корисници и интегрирањето на овој сервис во Windows 11 остави впечаток дека вниманието кон Skype е само привремено вратено, но од компанијата оваа недела покажаа дека тоа не е случајот.

Microsoft најави дека Skype останува и оваа година ќе добие повеќе новини. Овие новини вклучуваат освежување на дизајнот, како и подобрување на перформансите на апликацијата, за 30% на десктоп, каде веќе е прилично добра, а за дури 2000% на Android каде и може слободно да се каже дека е слабата точка на Skype.

Ова дефинитивно ќе придонесе до задржување на постојните корисници, а ќе видиме дали воопшто нешто може да привлече нови.

Дел од најавените новини кои Microsoft ги најави, а може да се очекуваат до крајот на годината вклучуваат нова поставеност на групните видео повици каде сега може да се додаде во групата со голема слика и видеото од самиот корисник. Ова видео моментално се прикажува во помала форма во некој од аглите од апликацијата.

Skype исто така добива и можност за додавање на нови теми и бои кои ќе се гледаат и во групните видео повици за корисниците кои не го пуштаат нивното видео, подобрен дизајн на повеќето мали делови од апликацијата и слично.

Една новина привлекува посебно внимание и е наречена TwinCam. Оваа функција овозможува да корисниците можат да се приклучат на видео повикот со уште една камера, како на пример таа од нивниот мобилен, па да прикажат нешто дополнително, како на пример нивното милениче.

Од Microsoft исто така најавија дека Skype ќе може да функционира преку сите прелистувачи, а тоа е важно за функционирање на можноста за испраќање на линк за видео повик на кој може да се приклучат сите без потреба од инсталирање на апликацијата. Зошто во најавата го немаше логото на Firefox, не е познато.

Уште нема точна најава кога може да се очекуваат промените, но штом од Microsoft истакнуваат дека промените се за оваа година, тоа значи дека сигурно ќе почнеме да ги гледаме наскоро, барем во бета верзиите од апликацијата.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаАмериканската FCC ќе го финансира отстранувањето на опремата од Huawei и ZTE за помалите оператори
Следна статијаСеавус ја спроведува уникатната талент програма за вработување и кариерен развој
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.