Изминатите година дена Microsoft Teams стана еден од најмногу користените сервиси за бизнис видео конференции, организирање на работата на тимовите во компаниите и слично. Како главна причина за ова секако е корона пандемијата која направи да повеќето мораат да работат од дома, а повеќето состаноци да се одржуваат онлајн.

Уште од минатата година Microsoft се реши овој сервис да им го овозможи и на приватните корисници, односно Teams да може да се користи и за приватни разговори. Иако Skype е тука за тие потреби, овој сервис Microsoft одамна не му дава доволно значење, па конкурентите станаа изборот за повеќето корисници и нивните приватни разговори.

После долг период на тестирање и достапност за одредени корисници, Microsoft Teams официјално станува достапен за сите корисници преку нивните приватни сметки.

Ова значи дека корисниците можат да се најават на Teams со нивните приватни имејл адреси и да го користат сервисот со сите негови функции. Главната разлика со Teams за бизнисите во главно може да се најде во недостатокот на делот Temas во кој може да се организираат тимовите во компаниите, па приватните корисници тоа можат да го прават преку креирање на групи, нешто што веќе им е познато од другите апликации.

Со Microsoft Teams приватните корисници добиваат можност за видео конференции, групни разговори, разговори еден на еден, а исто така имаат и додатни функции како календар за организирање на дружби, конференции, можност за споделување на датотеки, правење анкети и додавање на задачи.

Додатните функции го прават Microsoft Teams нешто повеќе функционален сервис од конкурентите, а тоа е и очекувано со оглед на тоа што овој сервис го нуди за бизнис корисниците.

Together mode е една интересна функција која веќе е достапна кај бизнис корисниците и Skype, а овозможува поставување на видеото од корисниците кои разговараат на неколку интересни позадини на кои со помош на вештачката интелигенција се поставуваат како да седат еден до друг.

Microsoft Teams за приватните корисници може да се користи од достапните мобилни и десктоп апликации, како и преку веб. За да некој се вклучи во разговор не мора да има креирано посебна сметка од Microsoft, ниту да ги има инсталирано апликациите, а тоа може да го направи едноставно со добивање на линк.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаAmazon во преговори за купување на познатата филмска компанија MGM за 9 милијарди долари
Следна статијаНови технологии заради кои нашата храна останува подолго свежа во фрижидер
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.