Разузнавачката служба на Велика Британија (GCHQ – Government Communications Headquarters) се најде на радарот откако Едвард Сноуден ја разоткри машинеријата за шпионирање на САД и други држави.

Еден од најголемите партнери на НСА и другите американски безбедносни служби биле токму тие. GCHQ собирале огромни бази на податоци за своите граѓани и ги споделувале со своите амерички партнерски служби.

После години на влечкање по судови, конечно добиваме убави вести: Европскиот суд за човекови права одлучи дека методите кои ги употребувале GCHQ за да ги собираат податоците за граѓаните биле нелегални и го нарушувале правото на „приватност и семеен живот“ (предвидено со член 8 од европската конвенција за човекови права).

Преку нивната операција Темпора (за која властите на Велика Британија не се изјасниле дали постоела или не), GCHQ пристапувале до огромен број на интернет податоци на англиските граѓани. Тоа го правеле преку „уштекување“ во фибер-оптички кабли кои пренесувале интернет сообраќај помеѓу САД и Европа, со што имале директен пристап до сите податоци во оптег.

Иако судот одлучил дека е прекршен член 8 од Конвенцијата, судиите се изјасниле дека во овој случај, споделувањето на податоци со странски разузнавачки агенции не било нелегално. Исто така, тие забележале дека немало докази за злоупотреба на моќ (се прашувам што ќе речат за НСА на оваа тема).

Говор на телото кој вреска “Guilty”

Ова е прв случај каде што меѓународен суд потврдува дека дел од разузнавачките агенции мешале прсти таму кај што не треба. Дали ќе биде прв од многуте останува да видиме.

Во секој случај, убаво е да се види дека жртвата на Едвард Сноуден носи добро на светот. Се разбира дека промените од „земјотресот“ што тој го предизвика не може да се случат наеднаш. Но, промената на јавната свест што тој ја започна вродува со плод на различни начини.

Денес се слави одлука на европскиот суд, утре ќе се појави уште некој свиркач што ќе открие слични злоупотреби, без разлика дали се работи за шпионирање или не.

Тоа е неговото најголемо наследство.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.