Повиците за бришење на Facebook, односно на сметката од оваа друштвена мрежа од страна на корисниците, не е нешто ретко изминатите година дена. Тоа стана помасовно, а дури имаше и „движење“, по објавата на Cambridge Analytica скандалот и конечното и официјално излегување на површина на што е тоа што може да се направи со информациите кои Facebook ги има за своите корисници.

Еден од основачите на познатата апликација за разговори, сега во сопственост на Facebook, WhatsApp, втор пат излегува со препорака да корисниците ја избришат својата Facebook сметка.

Овој пат Брајан Актон тоа го повика за време на говор пред студентите на Универзитетот Станфорд, истакнувајќи:

„Тоа е лошиот дел. Ние ги купуваме нивните производи. Ние се регистрираме на нивните веб страни. Избришете го Facebook, така?“

Иако главната тема на разговор е Facebook, сепак во оваа изјава Актон се обраќа и на компаниите како Google.

За време на говорот тој се осврнува и на причината зошто се имаат решено да го продадат WhatsApp на Facebook, како целото општество функционира на основа на што поголем профит, а на сметка на тоа веќе трпи приватноста на корисниците.

Тој исто така истакнува дека бизнис моделот којшто тие го имаа пред продажбата на Facebook, кога се плаќаше 1 долар годишно, од втората година, за користење на WhatsApp, е многу подобар.

Ова е наспроти сегашниот модел којшто е бесплатен за корисниците, меѓутоа на нив им се прикажуваат реклами, а како што знаеме, рекламите се таргетирани врз основа на информациите коишто Facebook ги има за нас.

„Бизнис моделот на WhatsApp беше: Ние ќе ви дадеме сервис цела година за долар. Ова не овозможуваше извонредно правење на пари и ако имате милијарда корисници, таа година ќе имате приходи од 1 милијарда долари. Тоа не е тоа што Google и Facebook го сакаат. Тие сакаат повеќе милијарди долари.“ – истакнува Актон.