ViewSonic денес ја најави својата втора генерација на паметни дисплеи. Првиот дисплеј од новата линија е 24 инчниот VSD241 кој во себе содржи четири-јадрен NVIDIA Tegra 3 процесор и работи на Android 4.2 Jelly Bean оперативен систем.

Можноста да функционира самостојно и поддршката на контрола со допир го прави овој дисплеј идеален за интерактивно користење во јавни места и институции. Од друга страна, интегрираната 2 мега-пикселна камера, звучници и микрофон го прават погоден за видео конференции.

За дополнителна функционалност дисплејот нуди повеќе опции за поврзување со други уреди. Вклучен е HDMI конектор, две стандардни USB порти, по една мини и микро USB порта, како и слот за SD картичка. Исто така, VSD241 вклучува поддршка за Ethernet, Bluetooth и Wi-Fi конекција.

ViewSonic беа први кои претставија паметни дисплеи базирани на Android оперативниот систем во 2012 година. Новите модели доаѓаат со поголеми димензии на екран и со значително подобрени перформанси.

VSD241 е веќе достапен во продажба по цена од 499$, додека од декември ќе се продава и поевтин 22 инчен VSD221 модел по цена од 399$. Понатаму ќе следат уште два нови модели (SD-A245 и SD-A225) базирани на Citrix XenMobile платформата.

Претходна статијаПодобро полнење на уредите со новата USB PD технологија
Следна статијаNvidia ја најави GTX 780 Ti, ги намали цените на постојните модели