Qualcomm оваа недела го претстави наследникот на Snapdragon 660 за оваа година, Snapdragon 670. Серијата 600 од Snapdragon чиповите е позната по своите добри перформанси, меѓутоа и помала потрошувачка на енергија. Оваа серија се користи во уредите од средната класа, што значи дека не доаѓа со високите перформанси и карактеристики од високата класа, меѓутоа нуди многу повеќе од ниската класа наменета за евтините уреди.
Како што е трендот овие неколку години, средната класа добива се повеќе карактеристики од повисоката класа, а тоа не е ни чудо кога ќе се земе во предвид дека оваа класа можеби има и најголем пазар во светот.
Snapdragon 670 ја донесува вештачката интелигенција со перформанси како од високата класа кај смартфоните и уредите од средната класа. Како и обично, вештачката интелигенција кај телефоните има најголема улога во камерата, овозможувајќи многу подобра проценка на условите на сликање и со тоа вадење на многу подобри слики од овие „аматерски“ уреди.
Snapdragon 670 доаѓа со Kryo 360 CPU процесорот којшто е осум јадрен процесор составен од 2 јадра наменети за посилни „задачи“ кои работат на 2 GHz. Останатите 6 јадра се наменети да бидат повеќе штедливи и уредот најчесто ќе ги користи нив за нормална работа, а овие јадра работат на 1,75 GHz.
Овој чипсет доаѓа и со Qualcomm Spectra 250 ISP со што се овозможува подобро стабилизирање на сликата, отстранување на шум и слично. Spectra 250 ISP троши до 30% помалку енергија, а поддржува камери до 25 мегапиксели, односно до 16 мегапиксели за двојна камера.
X12 LTE Modem е дел од Snapdragon 670 со што се овозможува уредите кои работат на овој чипсет да постигнат брзини на симнување на податоци до 600 Mbps, како и 150 Mbps за прикачување на податоци.
Овој чипсет веќе е достапен за производителите на телефони, па може да се очекува да се најде во уредите и од оваа година.