Бројот, важноста и оптовареноста на податочните центри не е нешто што изненадува и што би требало да не чуди. Покрај веб страните кои неколку децении се стандардниот начин на добивање на информации на луѓето, се повеќе сервиси се пренесуваат во таканаречениот „облак“. Податочните центри веќе немаат задача да ги опслужуваат во главно големиот број на веб страни, па тие работат за се повеќе сервиси и податоци кои се достапни онлајн. Тоа значи дека не само што бројот на податочни центри е зголемен, туку и нивната големина, капацитет и на крајот ресурсите коишто се потребни за да сето тоа функционира како што треба. Според информациите, податочните центри во светот трошат околу 416 трават часови, што изнесува 2% од светското производство на електрична енергија. Се разбира, ги немаме точните податоци за производство на електрична енергија и не сум сигурен дека некој ја има баш точната бројка, па ќе им веруваме на тие коишто сепак направиле некакво истражување. Во годините што следат може слободно да се очекува уште поголем раст на работата на податочните центри, а се повеќе услуги и производи ќе бидат сместени во нив. Статистиките покажуваат дека се помалку се користат и приватните податочни центри, кои компаниите порано не ни помислуваа да ги сместат надвор од своите простории. Ситуацијата е јасна. Потребно е решение за зголемување на ефикасноста на овие центри за да не дојде до ситуација на прекини во работата и недостаток на електрична енергија.