Иако е статистички далеку побезбедно средство за патување, голем број луѓе се плашат да влезат во авион. Тие се чувствуваат посигурни кога патуваат со автомобил, иако веќе е добро познато дека бројот на незгоди и смртни случаи настанати на патиштата е далеку повисок.

Доказите се тука, само ние одбиваме да ги прифатиме. Кога ќе чуеме дека некој умрел откако примил вакцина, мислиме дека вакцините се најголемо зло и алатка за контрола на популацијата од страна на Илуминатите. Но, кога некој ќе ни каже дека цигарите и шеќерот предизвикуваат рак и низа други болести, продолжуваме да ја „топиме“ целата штека и да се давиме во торта.

Зошто?

Затоа што си патиме од предрасуда на достапност (availability heuristic). Во првиот случај имаме опиплив „доказ“ кој можеме да го видиме со свои очи. Полесно е да се верува во онаа најдостапна и визуелна информација.

Човечкиот ум еволуирал до драстично различни околности од денешните. Во последните неколку милиони години, заедниците не биле составени од повеќе од 100-200 луѓе. Во тие околности, луѓето се информирале за светот преку примери од своето опкружување. Денес, медиумите се во трка за нашето внимание. Секојдневно ни сервираат драматични и сензационалистички информации кои не заплашуваат и внесуваат паника во нашите животи.

Проблемот е во тоа што колку е подостапна информацијата, толку побргу истата ја процесираме. Колку побргу ја процесираме, толку повеќе веруваме дека е вистинита. Односно, полесно ги занемаруваме податоците кои не можеме да ги „видиме со свои очи“.

Шансите да добиеш на лотарија се безначајни. Но, кога ги гледаш насмеаните лица на неколкуте добитници на телевизија, се замислуваш во истата позиција и купуваш тикет.

Она што го искусуваме е она што најдобро го памтиме. Сакаме приказни, и да веруваме дека сме дел од некоја возбудлива и интересна.

Ако се отстраниме од машинеријата на вести, шансите се дека ќе гледаме на светот пообјективно.

—————

Претходни текстови за когнитивни предрасуди:

Претходна статијаHuawei Mate20 Pro ексклузивно достапен во Македонски Телеком
Следна статијаSamsung Galaxy S10 ќе нема рамки околу екранот и ќе користи нова технологија за да го овозможи тоа