Причината за тоа е едноставна. Не, универзумот не „кова заговори“ и не станува збор за судбина. Причината е во вашиот ум, и се нарекува пристрасно убедување (confirmation bias).

Не налетувате случајно на истиот автомобил како и тој што сакате да го купите. Се појавувал многу пати претходно во вашето видно поле, но не сте го забележувале. А сега го забележувате поради тоа што е желба што сакате да ја остварите, и имате став за тој автомобил дека е совршениот за вас.

Или пак, импулсивно купувате некое скапо парче облека иако не можете да си го дозволите. Потоа се оправдувате дека сепак тоа парче облека е многу квалитетно и „вреди за парите“.

Овој феномен е навидум безопасен (зошто да ми е гајле ако го приметувам истиот втомобил каде и да одам?). Но, таквата пристрасност е проткаена низ сите работи за кои оформуваме свој став (политика, религија, вкус за филмови итн.).

Суштинскиот проблем за кој не сме свесни е дека сме програмирани да бараме информации кои ги поткрепуваат нашите ставови и размислувања.

Дали земјата е рамна?

Ако мислите дека е, тогаш лесно ќе најдете „докази“ кои ќе го поткрепат тоа ваше тврдење. Доколку мислите дека Иванов е прекрасен претседател, тешко дека ќе го смените ставот во дебата со некој кој го мисли спротивното. Напротив, големи се шансите дека уште повеќе ќе бидете убедени дека сте во право, а дека вашиот соговорник греши (или дека е глупав и неинформиран).

Image result for confirmation bias

Или, да го земеме Трамп како пример. Половина од народот во САД смета дека тој е новиот Хитлер, а другата половина смета дека ќе ја „оправи државата“. Тоа се два дијаметрално спротивни ставови.

Дебата помеѓу атеист и високо-религиозен човек е речиси невозможна. Таквата расправа се води со вредности и емоции, а не аргументи. А во тие ситуации, едната страна секогаш ги отфрла вредностите на другата страна. Како ли може некој да верува во такво нешто? Да се гласа „ЗА“ на референдумот во недела за некои луѓе е најголемо предавство. За други, тоа е единствениот спас за државата.

Сетете се кога последен пат сте го промениле своето мислење за нешто (што не е банално – на пример храна која вчера ви била одвратна, а денес ви е ОК). Ако постои таков пример, запрашајте се зошто сте го смениле мислењето, и тоа нека ви биде водилка за во иднина.

И, што да правам сега?

Научниците и сериозните истражувачи редовно се во потрага по докази кои ќе ги срушат нивните ставови (falsifiability). Тие сметаат дека на тој начин полесно ќе стигнат до вистината.

Не е лоша идеја истиот принцип да го применуваме во нашето секојдневие.

Претходна статија“Безбедни училишта – безбедни првачиња“ – едукативна активност на Триглав Осигурување и РСБСП
Следна статијаКаратистите на Макпетрол подготвени за есенскиот дел од сезоната