Првпат го гледав The Big Short (2015) по грешка, кога наместо на The Revenant, улетав на проекција на филмов во Кино Милениум. Не си поминав лошо тогаш, ама па не ми беа јасни многу фрази, жаргони со кои се расфрлаа ликовите. Филмот ја прикажува економската мега-криза од 2008 година, ама низ очите на неколку личности кои ја предвидоа оваа криза неколку години претходно. Тие дури се обложуваат дека кризата ќе дојде, надевајќи се дека барем ќе се збогатат од оваа катастрофа. Не се преправам дека ги разбирам сите термини што ќе ги употребам подолу, барем не во детали, ама затоа ќе ставам по некој линк за да може да се информирате повеќе ако сакате. Темава е фасцинантна, особено за некој што го интересираат економски кризи како таа во 2008 година.

Ликовите и самите не биле свесни колку е само корумпиран банкарскиот сектор во САД. Едноставно нема спас, колку и да знаеш дека ќе се случи неизбежното, и се обложуваш против банките, тие на крај секогаш победуваат. Во филмот почнуваме во 2005 година, кога Мајкл Бери (Кристијан Бејл), кој води свој инвестициски фонд, сфаќа дека пазарот на недвижности во САД е „меур“, односно дека за неколку години ќе донесе до финансиска пропаст на милиони луѓе низ земјата, кои ќе ги изгубат своите домови и ќе останат без работа (тоа, како што вели Бери во филмот, води кон зголемени стапки на смртност на населението). Паралелно со неговата приказна, ја следиме приказната на уште неколку слични умови кои од различни агли доаѓаат до истите сознанија. Ликовите генерално се создадени според реални личности, односно финансиски експерти кои стварно ги направиле овие ризични подвизи, што ја прави приказната уште поинтересна.

Во суштина, она што го прават главните ликови во филмот, и што е наведено и во насловот, е обложување дека цените на одредени акции ќе паднат (shorting). Шортинг е кога „позајмуваш“ акција (за што плаќаш одредена такса), и после кога цената на оваа акција паѓа, ја купуваш за пониската цена. Секако дека има уште милион детали околу ова (види ова), ама да се вратиме на филмот.

Баш заради тоа што е полн со комплицирани термини за кои треба да читаш цели трудови за да разбереш што е позадината, филмот вешто те вади „од филмот“ за да ти објасни дел од овие термини. Така, во некои сцени, Марго Роби и Селена Гомез се обидуваат да ти ги упростат некои од термините за полесно да го следиш филмот (една драга личност ми посочи дека подобро ќе беше да користат некои анимации). Притоа, филмот не пропушта да не потсетува во секоја втора сцена дека системот е корумпиран, дека банкарите се алчни и дека намерно работите во овој сектор се толку комплицирани и несфатливи, за да не може да ги разбере целосно обичниот човек.

Што да кажам за кастингот. Стив Карел, Рајан Гослинг, Кристијан Бејл, Бред Пит, сите во топ актерска форма. Стави ги во игра Џорџ Клуни и Мет Дејмон и комотно можеш да снимиш продолжение на Оушн серијалот. Супер филм, кој ќе ти биде уште подобар ако претходно читнеш малку за кризата.

Претходна статијаРоманија треба подобро да се консултира во врска со 5G
Следна статијаAmblin Partners на Стивен Спилберг потпишаа договор за филмови со Netflix