iphone-all

Растот на отворената платформа на Google, Android се чинеше дека никогаш нема да престане и дека ќе направи супер популарниот iPhone да зазема се помалку и помалку од колачот на пазарот. Сепак, лансирањето на поголемите iPhone-и не само што го намали тоа, туку и целосно го сврти трендот, па така, во последното тромесечје од минатата година, во САД се продадоа повеќе Apple, отколку Android телефони, според истражувањето на “Kantar WorldPanel ComTech”, што е за прв пат по 2012 година.

Зголемената продажба беше придружена и со рекорден профит за Apple, воопшто од сите компании, односно цели 18 милијарди долари и покрај падот на продажбата на iPad таблетите и MacBook лаптопите. Во бројки, iPhone имаше 47,7% учество на пазарот, во споредба со 47,6% на Android. Разликата не е воопшто голема, но треба да се има на ум дека Android платформата вклучува неколку поголеми производители на паметни телефони.

Причината за ова е скоро со сигурност побогатото портфолио на Apple во делот на паметните телефони. Додека порано постоеше iPhone со само една големина, сега во гамата на производителот има три и тоа iPhone 5S (4 инчи), iPhone 6 (4,7 инчи) и iPhone 6 Plus (5,5 инчи). За разлика од нив, ниту еден Android производител нема толку мал, а моќен смартфон како 5S, односно, имаат застарени модели во понудата или пак новитети кои беа само освежување на постарите модели, како Samsung Galaxy S5. Причина се секако и божиќните празници, во кои iPhone е веќе традиционален подарок во САД.

Уделот на пазарот на iPhone порасна и во Европа и тоа на сметка на Android, иако со учество од 66,1%, системот на Google се уште убедливо води, а тоа особено важи за најголемите пет европски пазари, Велика Британија, Германија, Франција, Италија и Шпанија. iPhone доживеа голем раст и во Кина, каде продажбата се качи за 2,5% на 21,5%, додека Android тука има 77%. Сепак, интересно е дека најголемиот процент на Android телефони во Кина доаѓаат без сервисите на Google, односно нивниот маркет за апликации, особено кај најголемиот кинески производител Xiaomi.

Бумот на новиот iPhone сепак се очекува да се намали во второто тромесечје од оваа година, кога се очекува лансирањето на неколку нови Android телефони од највисоката класа, меѓу кои Samsung Galaxy S6, HTC One M9 и LG G4.

Извор: ForbesTechCrunch

Претходна статијаШто имаат заедничко Сириза и Valve? – дел 1
Следна статијаНаучниците пронајдоа начин како да го рестартираат дневниот биолошки часовник кај глувците