illustration6

Многу од луѓето кои се активни знаат за следната ситуација: цела недела треба да стануваат рано за да одат на работа и да бидат активни, па обично и си легнуваат во нормално време, околу 11-12 часот. Кога ќе дојде викенд ќе отидат на некоја забава и ќе се вратат во рани утрински часови. Дури и да не пиеле, ефектот е добро познат: мамурлак, апатичност и мрзеливост целиот ден потоа. Дополнително, имаат проблем со привикнување со повторното станување рано поради тоа што нивниот биолошки часовник им се има пореметено во својата функција.

Сега научниците од Вандербилт универзитетот најдоа начин како да го рестартираат дневниот биолошки часовник кај експериментални глувци. Биолошкиот часовник кај цицачите се состои од хемиски молекули кои патуваат и поттикнуваат најразлични реакции во телото, а тие се координирани од главниот „часовник“ кој се наоѓа во мозокот како одреден склоп на нерви. Уште од претходно беше откриено дека овие нерви се блиску поврзани со очниот нерв и реагираат на промената на светлина во денот, па соодветно на истото го регулираат излачувањето на контролирачките молекули.

Научниците во студијата кај експерименталните глувци успеале да пронајдат начин како да ја стимулираат (или да ја изгасат) оваа група на нерви, и со тоа успеале да го симулираат дневниот циклус – и да го рестартираат. Тоа го направиле преку користење на софистицирана техника наречена оптогенетика, која вклучува вметнување на гени кои создаваат фотоосетливи протеини во одредени популации на ќелии (во овој случај, оние ќелии кои се одговорни за биолошкиот часовник). Потоа стимулацијата на овие посебни неврони се остварува преку пуштање на ласер преку оптички кабел кој е имплантиран во мозокот на глувците.

Истражувачите во студијата пронашле дека преку стимулирање на групата неврони одговорна за биолошкиот часовник тие можеле да ги уредуваат будните и успаните циклуси на глувците и да го рестартираат истиот.

Ваквиот начин на стимулација можеби ќе може во иднина да им помогне на луѓето кои го имаат изместено својот биолошки часовник и да им овозможи да се привикнат на новите услови веднаш откога ќе настапат, како на пример, познатата „авионска бавнина“ (jet lag) која ја искусуваат луѓе кои патуваат низ различни временски зони. Изместувањето на биолошкиот часовник е прилично штетно за нашето тело и правилното излачување на хормоните, како и за нашиот имунитетен систем.

Извор: IFLScience, Gizmag

Претходна статијаiPhone го престигна Android во САД!
Следна статијаПрвите неофицијални слики од Windows 10 за мобилните, официјалното пуштање е најавено за овој месец