Почнувајќи од оваа среда (26.09) купувачите од Њу Јорк, Лос Анџелес и Кембриџ ќе имаат можност да го набават новиот Levi’s Commuter Trucker Jacket опремен со Jacquard технологијата од Google.

Се работи за јакна дизајнирана од познатата компанија Levi Strauss&Co. која е опремена со паметна технологија произведена од Google. Дизајнирана примарно за категоријата „комјутери“ (луѓе кои патуваат подолги релации до своите работни места), но во суштина идеална за сите вљубеници во паметната технологија.

Имено, ракавот на јакната е опремен со минијатурна електроника сензитивна на допир преку која корисникот ќе може да комуницира со својот паметен телефон. Како повратна информација материјалот овозможува сигнали преку вибрации и LED осветлување. Издавањето наредби се врши со помош на шематски движења по чувствителната површина на начин на кој самиот корисник ќе одлучи. Секако, јакната е опремена со батерија која има капацитет да го напојува системот два дена, за потоа да мора да биде наполнета преку соодветен приклучок.

Проектот започнат во 2014-та конечно ќе финишира со промовирање на самата јакна за чие продавање ексклузивно право добија само 3 продавници од претходно наведените градови. Цената на ова hi-tech парче облека ќе достигне неверојатни 350 американски долари, што и не е особено „страшно“ ако се земат в предвид цените на другите парчиња облека од Levi’s.

Извори: Geek, Google

Претходна статијаФОРУМ: Регулатива на работните односи и пазарот на труд во ИКТ секторот
Следна статијаБил Гејтс почнал да користи Android смартфон