Facebook веќе одреден период претставува еден од најважните „медиуми“ на којшто секојдневно се приклучуваат повеќе од милијарда корисници, а бројката на регистрирани корисници е уште поголема.

Тоа го прави Facebook повеќе од обична друштвена мрежа на која корисниците во главно објавуваат слики и по некоја смешка. Оваа мрежа во денешно време претставува главниот извор на информации на поголемиот дел од корисниците.

Информациите доаѓаат од самите медиуми кои веќе не ни помислуваат да не објават нешто на Facebook, како и од огромниот број на споделени линкови од самите корисници.

Кратко кажано, количеството на содржина која се објавува и споделува на Facebook е огромно, поради што компанијата е под силен притисок да внимава што се’ се објавува.

За таа цел, како што ни е познато, на Facebook не може да објавиме баш што сакаме. Одредена содржина може да биде тргната доколку се смета дека не е соодветна. Токму ова ја прави целата работа сложена, поради фактот што е многу тешко да се оцени што е тоа несоодветно, а притоа да не се наруши правото на слободно изразување.

Од The Guardian имаат дојдено до правилникот којшто го имаат во Facebook за своите вработени кои се задолжени да ја оценуваат содржината која се смета за несоодветна, односно правилник за тоа како да постапат во одредени ситуации.

Инаку, за несоодветна содржина конкретно се мисли за содржина која содржи насилство, говор на омраза, тероризам, порнографија, расизам, себе повредување и слично.

Од протечените документи може да се види дека од компанијата сериозно му приоѓаат на овој проблем, меѓутоа како што би се очекувало, она што може да се прочита, нема да ги задоволи сите страни.

Во одредени ситуации се поставува прашањето на цензура на нешто што би требало да може да се објави, но во други е тотално спротивната ситуација, односно се дозволува нешто што може да се постави прашањето дали е во ред.

Па така, во документите може да се забележи дека видео содржина на која се прикажува насилна смрт, ако истото е означено како такво, не секогаш мора да биде отстрането од Facebook. Тоа е така затоа што од компанијата сметаат дека има ситуации кога ваквите видеа може да послужат за ширење на свесноста за одредени теми, како ментални заболувања и слично.

Одредени слики од несексуално физичко злоставување на деца, не мора да биде тргнато доколку во нив нема садистички елементи.

Рачно направена нудистичка уметност е дозволена, додека дигитално направената не е. Видеа од абортуси се дозволени се додека на нив не се прикажува голотија.

Ова се само неколку од примерите кои се истакнати, а кои покажуваат за колку сложена тема се работи, тема за која сигурно никогаш нема да може да се најде целосен консензус помеѓу групите во светот.

Извор: The Guardian, Engadget, ZDNet

Претходна статијаSamsung ќе ги продава преправените Galaxy Note 7 смартфони како Fandom Edition
Следна статијаНаскоро пристигнуваат вистински 3D смартфони со холограми
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.