Сигурно веќе не ве чуди претставувањето на било каков производ кој што влегува во категоријата на паметни производи. Развојот на технологијата направи нејзино едноставно имплементирање во секакви уреди, па веќе гледаме претставување на разни производи поврзани со интернет конекција, мобилна апликација и слично.
Procter and Gamble производителите на познатите Oral-B четки за заби на MWC 2014 настанот ја претстави Oral-B SmartSeries 7000, паметна четка за заби која што се поврзува со вашиот мобилен телефон. Поврзувањето се прави преку вградениот Bluetooth 4.0 чип со апликација моментално достапна само за iPhone мобилниот телефон.
Oral-B SmartSeries 7000 е наменета да ги следи вашите навики при миењето на забите и преку апликацијата да ви овозможи преглед на истите во форма на графикони. Поточно при секое миење апликацијата прикажува тајмер кој што мери колку време ги миете вашите заби, а има и можност да читате вести за да полесно ви помине времето. Од мерењата на времето апликацијата го прикажува вашето просечно време во одреден временски период кој што можете да го изберете. Исто така апликацијата ви покажува на кој дел од забите треба повеќе да се сконцентрирате, односно ви кажува каде недоволно миете. Доколку при миењето притискате со четката повеќе од препорачаното, апликацијата ќе ве извести да го намалите притисокот. Сите податоци можете да ги покажете на вашиот забар и тој да ви препорача одредени промени во вашите навики директно на апликацијата. Доколку немате забар на кој што редовно одите, апликацијата може да ви препорача некој од базата на локални ординации.
Оваа паметна четка ќе се продава по цена од 220 евра и прво ќе биде достапна во Европа, по што ќе се продава и во други земји.
Дали би сакале да користите ваква или слична четка или сметате дека технологијата се вклучува премногу во делови од животот каде што нема потреба од неа ?
Извор: Engadget