Корејскиот гигант нема да го претстави новиот Galaxy S8 на MWC во Барселона, како што тоа го правеше досега, но затоа таму тие ќе дадат дефинитивна потврда за датумот кога ќе биде претставен долгоочекуваниот знаменосец.

Според претпоставките, тоа би можело да се случи на крајот од Март или почетокот на Април, на посебен настан во Њујорк организиран од Samsung. Причината за одложувањето на промоцијата на смартфонот не ја знаеме, но претпоставките се дека Samsung си дал подолго време за развој и тестирање, за да не им се повтори фијаското со батеријата на Galaxy Note 7.

Galaxy S8 се очекува да донесе голем број на новитети, како многу тесен и висок дисплеј со сооднос од 18,5:9 и минимална рамка, нов дигитален асистент со вештачка интелигенција, можност за користење како „десктоп компјутер“ со поврзување на поголем дисплеј итн. Galaxy S8 ќе биде веројатно и првиот со Snapdragon 835 процесор, покрај домашниот Exynos 8895 на Samsung.

Samsung сепак нема да ги остави купувачите без нов производ на MWC. Таму тие ќе претстават таблет од високата класа, Tab S3, кој ќе има Snapdragon 820 процесор, 4 GB рам меморија и дисплеј со големина од 9,2 инчи. Идејата е овој таблет да се натпреварува директно со iPad, иако продажбата на таблети продолжува да паѓа.

Извор: Techno Buffalo, CNET, BGR

Претходна статијаiPhone 8: Сè што знаеме досега и што може да очекуваме
Следна статијаBlackberry имал скоро 0% учество на пазарот минатата година