Windows 10 преносните уреди полека но сигурно стануваат важен дел од MWC во Барселона, саем кој до пред неколку години беше ексклузивно користен за нови паметни телефони. Годинава и Samsung ќе учествува во Windows 10 лудилото на таблет/лаптопи, со нов модел наречен Galaxy Book.

Засега немаме длабоки информации за овој модел, иако има најави дека ќе биде делумно послаб од Tab Pro S, кој е во понудата на Samsung од минатата година, но ќе има AMOLED дисплеј. Исто така, овој уред ќе биде пред сѐ замислен како таблет, но секако ќе има можност за приклучување на надворешна тастатура.

Интересно, информацијата дека овој модел ќе постои ја дознаваме од Book Settings апликација за Windows 10, која била забележана од MSPowerUser. Во оваа апликација корисникот ќе може да подеси неколку параметри на својот таблет, како продолжување на траењето на батеријата, подесување на системот за подобро искористување на AMOLED дисплејот, подесувања за пенкалце и можност за додавање на отклучување со шема со 9 точки како кај смартфоните.

Galaxy Book се очекува да биде претставен на посебна прес конференција на Samsung на MWC во Барселона, заедно со Galaxy Tab 3, кој е таблет со Android од високата класа, насочен директно кон iPad.

Извор: The Verge, MS Power User, Windows Central

Претходна статијаПротекоа фотографии од X10, новиот смартфон од средно-високата класа на HTC
Следна статијаApple ќе лансира четири iPad-и во март