Продажбата на таблет компјутери константно опаѓа, па затоа се поретко гледаме нови модели на пазарот. Сепак, Samsung е еден од поуспешните производители на ова поле и иако ја намали гамата на таблет компјутери, продолжува повремено да лансира уреди од високата класа, како противници на iPad.

Galaxy Tab S3 ќе биде наследникот на Tab S2 (нормално) и ќе биде претставен на MWC во Барселона, но како што обично бива, ние уште отсега ги имаме сите информации. Се работи за прилично моќен таблет со големина на дисплејот од 9,7 инчи и резолуција од 2048х1536 пиксели – исто како iPad. Високите перформанси ќе бидат загарантирани со Snapdragon 820 процесорот, иако се очекуваше 835-ка, која најверојатно нема да биде достапна за време на MWC.

Моќниот процесор е помогнат од 4 GB рам меморија, што е прилично солидно, а таблетот веројатно ќе има 32 или 64 GB простор со можност за проширување преку micro SD картичка. Задната камера ќе има 12 мегапиксели, што значи дека ќе биде истата квалитетна камера од Galaxy S7. Таблетот ќе доаѓа со вграден Android Nougat 7.0, што е одлична вест, а ќе има Wi-Fi и LTE 4G верзии.

Ова ќе биде веројатно знаменосецот на Samsung на MWC саемот во Барселона, покрај неколку смартфони од средната и ниската класа. Како што веќе најавивме, Galaxy S8 ќе биде претставен подоцна, веројатно на крајот од март или почетокот на април.

Извор: Techno Buffalo, GSM Arena, NDTV

Претходна статијаНовиот робот од Vespa ќе го носи Вашиот багаж
Следна статијаРобот ќе им конкурира на бармените