Google се чини ќе се придружи на производителите кои ќе лансираат смартфон со издолжен дисплеј, исто како Galaxy S8 и S8+ и LG G6. Според најавите, таков барем би требало да биде поголемиот Pixel XL смартфон, кој ќе биде новиот знаменосец на компанијата. Него треба да го видиме во последното тримесечје на оваа година.

Телефонот има дизајн кој е мешавина на Galaxy S8 и LG G6 и според мене, барем ова што го гледам на рендерите, изгледа прилично складно и компактно, дури може да се осмелам да кажам најдобро од сите смартфони со издолжени дисплеи досега. Рамката е многу мала, односно ја има само во горниот и долниот дел, додека на страните стаклото (не и дисплејот) е малку заоблено. Исто така, самиот дисплеј нема остри агли, туку тие се исто така заоблени.

Според најавите на Android Police, кои се заслужни за овие рендери, AMOLED дисплејот ќе има сооднос од 2:1 (18:9) и ќе има големина од 6 инчи, што е во рамките на останатите модели од класата. Дизајнот на задниот дел е сличен на оној на актуелните модели, но со многу помал стаклен дел. Позади е ставена и една камера – најавите се дека Google нема да вградува двојна камера во своите смартфони и оваа година.

Од останатите информации за новиот Google Pixel XL, се најавува дека ќе има можност за лансирање на различни опции со стискање на страничната рамка, исто како што може да направите со HTC U11. За производството на телефонот пак најверојатно ќе се погрижи LG, но има и најави кои велат дека HTC би можел и понатаму да биде главниот партнер на Google.

Многу од горенаведените информации сепак земете ги со задршка – има уште многу време до лансирањето на овие телефони, а и самите фотографии се само вештачки рендери. Од друга страна, овие информации делуваат прилично реални, особено ако Google сака да биде навистина конкурентен во високата класа – покрај LG G6 и Galaxy S8/S8+ и Sony најави смартфон без рамка околу висок дисплеј, Galaxy Note 8 ќе има помала рамка и од онаа на S8, а iPhone 8 скоро сигурно ќе биде смартфонот со најмала рамка од сите досега. Дефинитивно ни следуваат возбудливи неколку месеци.

Извор: Android Police, The Next Web, Android Central, Phone Dog

Фото: Android Police

Претходна статијаDell Latitude 7285 е првиот таблет/лаптоп со безжично полнење
Следна статијаМинистерството за финансии ја презема иницијативата за PayPal