Се појавија првите фотографии од „макета“ од iPhone 8, која е наменета за производителите на футроли за смартфони. Дека овие фотографии (од iDropNews, OnLeaks и Nodus) и дури и видеото од YouTube каналот EverythingApplePro се точни доволно наведуваат изворите од кои доаѓаат. Според тоа што лично сум го видел досега од овие извори, можам да потврдам дека ова што го гледате тука ќе биде новиот iPhone 8. И морам да признаам, изгледа импресивно.

На фотографиите и видеото може да се види смартфон без воопшто рамка околу дисплејот, но со еден отсечен дел во горниот дел каде се наоѓаат предните камери и сензорите. Ова сепак не одзема на целосниот впечаток на новиот iPhone 8, кој изгледа во најмала рака фантастично однапред. Назад пак дизајнерите не направиле премногу промени – овој смартфон сѐ уште ќе биде препознатлив како iPhone, но со вертикално поставена камера. Промена ќе биде и тоа што сега задниот дел ќе биде изработен од стакло, наместо алуминиум, што е направено со цел безжично полнење.

Apple iPhone 8 ќе има инаку дисплеј со големина од 5,8 инчи, но големината на смартфонот ќе биде скоро како на малиот iPhone 7. Исто така, покрај поддршката за безжично полнење, според информациите читачот за отпечатоци на прстите ќе биде вграден директно во дисплејот, што најверојатно значи дека Apple ќе биде прв со ваква технологија во еден смартфон, по пионерскиот читач за отпечатоци во Home копчето кај iPhone 5S.

Сите овие информации, фотографии и видеа скоро сигурно нема да го намалат импактот кој iPhone 8 ќе го има на пазарот. И покрај тоа што неговата цена најверојатно ќе изнесува преку 1.000 евра, очекувајте да се продава во милиони примероци. Дефинитивно, Apple има нов бестселер.

Извор: Forbes, iDropNews, PocketLint

Претходна статијаНаучници креираа сензор за температура кој работи скоро без енергија
Следна статијаWindows 10 ќе ве потсети да ја инсталирате најновата надградба