Годинава, двата најпопуларни смартфони на планетата, Galaxy S и iPhone, треба да добијат прилично големи надградби и подобрувања, кои сега дознаваме дека веројатно ќе бидат придружени со многу повисока цена во однос на актуелните модели, која во САД би била блиска до 1.000 долари, а кај нас веројатно и над 60.000 денари.

За iPhone 8 веќе имаше најави дека ќе чини над 1.000 долари, а сега од твитер дојде информација од неименуван украински препродавач на смартфони, кој извади цена од 963 долари за Galaxy S8 и 1.074 долари за Galaxy S8+ во Украина. Оваа цена важи за модели со 64 GB внатрешен простор, што значи дека модели со 32 GB најверојатно нема да постојат.

Иако овие цени се многу повисоки во однос на тие на актуелните Galaxy S7 и S7 Edge, тие не се воопшто изненадување. Двете нови S8-ки ќе имаат значително поголеми дисплеи во однос на претходниците, односно 5,8 и 6,2 инчи. Отсекогаш, поголемите дисплеи кај смартфоните значително ја покачуваат цената, а тоа особено важи за Super AMOLED на Samsung, кои се најквалитетните на пазарот.

Ваквите цени ќе бидат и конкурентни на iPhone 8, за кој се очекува да ја надмине границата од 1.000 долари. Покрај повисоките цени, Galaxy S8 моделите ќе бидат достапни и во нова “Orchid Grey” односно орхид сива боја, покрај веќе стандардните црна, златна и перла.

Покрај цената, протече и информација според која Samsung ќе користи и батерии на Sony во новите S8-ки. Причината не е проблемот со експлозиите на батериите во Galaxy Note 7, бидејќи Samsung ќе продолжи да вградува и сопствени батерии од Samsung SDI, како и од производителот Amperex. Најверојатно, се работи за голема побарувачка на батерии, која не може да биде задоволена само од тие два производители.

Извор: IBT, The Next Web, Forbes

Претходна статијаLadybird соларен робот кој е спремен да обработува земјоделско земјиште
Следна статијаИнтервју со победниците на Social Impact Award