Како модел кој треба да го врати Samsung на местото на кое беше пред гасењето на Galaxy Note 7, новиот Galaxy S8 ќе биде опремен со најдобрите можни компоненти. Една од најважните ќе бидат новите процесори, кои зависно од пазарот и изведбите ќе бидат Qualcomm Snapdragon 835, за кој веќе знаевме, односно Exynos 8895 процесорот на Samsung.

Според протечен слајд на твитер, ова ќе бидат исклучително брзи чипови. 835-ката ќе има 8 јадра, од кои помоќните ќе работат на фантастични 3,0 GHz, додека „штедливите“ на исто така импресивни 2,4 GHz, додека графиката ќе биде Adreno 540. Ова се исклучително високи бројки, барем на хартија, кои скоро сигурно ќе придонесат за фантастично високи перформанси.

Чипот на Samsung исто така ќе биде опремен со осум јадра, но ќе доаѓа во две изведби. Помоќната изведба ќе има четири јадра на 2,5 GHz, додека послабата ќе има четири јадра на 2,3 GHz. Штедливите јадра тука ќе имаат 1,7 GHz. Двата модели ќе се разликуваат и во графичкиот чип – помоќниот 8895М модел ќе има Mali G71 MP20, додека послабиот 8895V модел ќе има Mali G71 MP18.  Иако чиповите на Samsung имаат пониска работна фреквенција, очекувајте слични перформанси на Snapdragon 835 поради различната архитектура.

Сите чипови во новиот Samsung Galaxy S8 ќе бидат изработени со транзистори со големина од 10 nm, што ги прави едни од првите чипови во светот со толку мали транзистори. Ова придонесува за подобрени перформанси, но и пониска потрошувачка, што значи подолго траење на батеријата во однос на актуелните модели.

Сите овие процесори нема да бидат достапни на нашиот пазар. Кај нас Galaxy S8 веројатно ќе биде опремен со Exynos чиповите, односно помалиот S8 со малку послабиот чип, додека поголемиот S8 со помоќниот. Како и да е, разликите ќе бидат занемарливи за корисникот и од тоа секако не би требало да зависи одлуката за тоа кој модел ќе го купите. Новите Galaxy S8 ќе пристигнат во Април наредната година.

Покрај моќните чипови, Galaxy S8 најверојатно ќе биде опремен со новиот дигитален асистент базиран на Viv, кој ќе се вика Bixby, ќе може да работи низ повеќе апликации од Samsung, како на пример во Gallery апликацијата, каде може да ви прикаже слики од плажа, шума или слично. Овој дигитален асистент ќе биде веројатно и најголемата разлика во однос на останатите Android модели од високата класа.

Извор: Techno Buffalo, Engadget, GSM Arena

Претходна статијаLetz прва на Product Hunt – интервју со Нино Карас
Следна статијаРај за “градење” компјутер во Corsair Crystal Series 570X