Оваа година главниот збор во гамата на смартфони на Apple ќе го има iPhone 8, но тоа ќе биде супер скап телефон чија цена ќе се движи над 1.000 евра, што значи дека нема да биде наменет за најголемиот број на купувачи. Затоа, Apple ќе лансира подобрени верзии на iPhone 7 и 7 Plus, од кои за првиот веќе излегоа фотографии од макета на која се гледаат неколку промени.

Прво, назад наместо алуминиум Apple повторно ќе вградува стакло, што е враќање на постарите модели како iPhone 4 и 4S. Ова е направено со цел да се овозможи безжично полнење, нешто што Android конкуренцијата го има веќе поодамна.

Дизајнот сепак ќе остане многу сличен на актуелните модели, односно самите линии на телефоните нема да бидат особено променети. Исто така, околу дисплејот на овие модели и натаму ќе има многу голема рамка и Home копчето ќе биде вградено во предниот дел, под дисплејот.

Како и да е, оваа информација треба да се земе со задршка – вработени во Foxconn, компанијата која ги произведува iPhone смартфоните, дале информација дека iPhone 7S и 7S Plus ќе имаат ист дизајн како претходниците и дека изработката ќе биде од алуминиум, што значи дека нема ни да има безжично полнење. Според нив, оваа функционалност се чува за iPhone 8, телефон кој ќе биде нов знаменосец на компанијата.

Кога сме пак кај него, според најновите информации тој ќе почне да се продава дури во 2018 година, веројатно поради проблеми со производството. Ова би било голем удар за Apple, кој вложува огромни надежи во овој смартфон, особено што Android конкуренцијата веќе е далеку пред нив во многу аспекти, а особено во дизајнот. Да, можеби за вкусови не се расправа, но факт е дека Galaxy S8 и S8+ се телефони кои водат кога е дизајнот во прашање, нешто на што Apple мора да одговори што поскоро.

Извор: The Verge, TechRadar, Tom’s Guide

Фото: Sonny Dickson

Претходна статијаDespacito е најгледаното YouTube видео на сите времиња
Следна статијаIBM собра дури 201 гигабајт во лента со површина од само 6 квадратни сантиметри