Во претходниот напис од овој серијал, видовме дека покрај тоа што неретко е место за „губење“ на време, YouTube е платформа каде што може да се пронајде сериозна, инспиративна, но и комична содржина.

Како некој што го привлекува се што е поврзано со филм и телевизиски серии, редовно следам YouTube содржини од оваа област. Оттаму, во продолжение ќе ви препорачам канали кои се надевам дека ќе ви се допаднат.

Nerdwriter1

Кога почнав да го следам овој канал, имаше помалку од еден милион претплатници. Во моментов таа бројка е дуплирана, што значи дека дечкото создава квалитетна содржина. Навистина, некои од неговите видеа заслужуваат да бидат ценети како кратки оригинални филмови. На пример, обработката на Arrival е длабока, суштинска и ни овозможува подлабок поглед врз филозофијата зад овој фантастичен филм.

Но, Evan (креаторот на каналот) може да земе и некоја тема неповрзана со филмската индустрија и да направи извонредно дело. На пример, неговото видео кое ја обработува „најморничавата слика на сите времиња“ од Франциско Гоја е морничава, но информативна. Фантастично е и неговото видео посветено на саундтракот на Господар на прстените.

Screen Junkies

Screen Junkies се креатори на еден од најуспешните и најзабавни серијали на YouTube: Honest Trailers, при што изработуваат трејлер за популарни филмови. Меѓутоа, трејлерот ја покажува „вистинската“ страна на филмот, а не го велича на начин на кој што тоа вообичаено го прават филмските трејлери.

Chris Stuckmann

Овој канал е совршен за оние што сакаат искрена и квалитетна филмска критика. Крис Стакмен нуди темелна филмска критика која дава вистинска слика за филмот кој што го обработува. Очигледно е дека човекот има страст за гледање (но и за пишување и снимање) на филмови. Секогаш можете да го посетите неговиот канал ако се двоумите дали да гледате некој филм за да дознаете дали вреди да му го посветите вашето време.

 

Претходна статијаWizz Air ги објави победниците на второто издание на Wizz Youth Challenge
Следна статијаЗошто IBM им забрани преносни уреди на своите вработени?