Иако поради модерната опсесија со младост насекаде се „труби“ за младите луѓе и како тие се иднината на светот, па затоа се’ треба да им се даде и угоди, испаѓа дека тие не се така перспективни и паметни како што би сакале да бидат.
Според најновиот пакет истражувања од британскиот набљудувач на телекомуникациите, Ofcom, повеќето тинејџери не можат да распознаат реклами од вистински Google пребарувања. Според истражувањето, само 31% од децата од 12 – 15 години распознале реклама на Google од вистински резултат на пребарувањето, иако рекламата е јасно означена со портокалова кутија и на нејзе пишува „Ad“. Децата пак во групата од 8 – 11 години ја распознале рекламата во само 19% од случаите.
Понатаму, во првата група (12 – 15 г.), 19% веруваат дека ако некој резултат го има на некој пребарувач тогаш мора да е точен, а цели 22% воопшто не ги интересира автентичноста на информациите туку едноставно одат каде што најмногу ќе им се допадне изгледот на страницата.
Секако, има уште: 19% од тинејџерите веруваат дека содржината на Интернет е точна. Толку со критичното размислување. Веројатно не е ни за чудење што постои толкава дезинформираност и хаос од препотентни млади луѓе кои си даваат за право да коментираат на се’ и сешто по разни форуми, видеа и статии.