Во денешно време може слободно да се каже дека скоро целите наши животи се онлајн. Сите од нас имаме креирано корисничка сметка на барем десетина сервиси, а тука и не мислам само на тие „неопходните“ како Facebook.

Овие сервиси не ретко се предмет на пробивање од страна на хакери, а тоа од време на време и успешно се случува, дури и кај некои од најпознатите сервиси. Повеќе пати можевме да прочитаме за пробивање на познати сервиси, каде хакерите доаѓаат до информации за корисниците, како што се нивните имејл адреси, лозинки, па дури и посериозни информации, како кредитни картички и слично.

Се разбира, при добивање на информација дека некој сервис кој го користите е пробиен, веднаш треба да ја промените лозинката на тој сервис, а како што препорачуваат и од Mozilla, доколку истата лозинка ја користите и на други сервиси, треба и таму да ја промените.

Со оглед на сериозноста на ваквите случаеви, веќе одреден период функционира познатиот Have I Been Pwned сервис кој со едноставно внесување на вашата имејл адреса, може да дознаете дали истата е дел од некој пробиен сервис.

На ова се приклучува и Mozilla со нивниот нов сервис наречен Firefox Monitor. Во основа овој сервис работи со дата базата на Have I Been Pwend, па може да се очекува истата ажурност.

Се што треба да направите е да отидете на оваа веб страна – https://monitor.firefox.com/ – и да ја внесете вашата имејл адреса, односно вашите имејл адреси кои ги користите за најавување на сервисите. Доколку адресата е дел од некој сервис што бил пробиен, тоа ќе можете да го видите во листата која ќе се прикаже, заедно со датата на пробивање, како и типот на информации до кои е дојдено.

Подолу на страната има повеќе совети кои ние би препорачале да ги следите за да не за џабе ви бидат украдени лични информации и слично.

Firefox Monitor нуди и можност да се регистрирате на сервисот, па да не мора редовно да го отворате и да проверувате за нови пробивања. На овој начин, доколку вашата имејл адреса е дел од некое ново пробивање, ќе бидете известени за истото, а од Mozilla уверуваат дека чувањето на адресата ќе биде според сите стандарди.

ИЗВОРMozilla
ИЗВОР 2TNW
Претходна статијаДостапна финалната верзија од macOS Mojave за сите корисници
Следна статијаЗборот кој во иднина ќе ви го спаси животот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.