Изминатите година дена Google започна со доста сериозно справување со можноста за блокирање на рекламите на YouTube. Корисниците кои користат „блокатори“ на реклами имаат проблем со отворање на страната на видеото, а подоцна беше отежнат процесот на ажурирање на „екстензиите“ наменети за ваква работа.
По затворањето на познатата Vanced апликација пред две години, тогаш поради овозможување на Premium функции бесплатно, сега Google повторно оди против алтернативните YouTube апликации.
Како што е објаснето во посебен документ, апликациите кои не овозможуваат прикажување на рекламите ги прекршуваат правилата на сервисот и истите нема да можат да функционираат како досега.
Корисниците кои ги користат ваквите апликации нема да можат веднаш да ги гледаат видеата, односно би имале проблем со нивното „баферирање“, а исто така можно е воопшто да не можат да гледаат некое видео и ќе бидат известени дека таа содржина не е достапна преку апликацијата.
Јасно е дека Google во главно приходите ги добива од реклами, а дел од заработката ја дели со креаторите на YouTube. Блокирањето на рекламите директно влијае на нивниот бизнис план, а секако тука е и желбата да корисниците се претплатат на не толку евтината Premium претплата.