Секоја година ми се случува да одложувам гледање на некој филм за кој имам претчувство дека е добар. Олдбој ми е уште на листата на недогледани филмови, иако е повеќе од 10 години стар. Кардељ ме тера да го догледам со години, но ете го уште седи до пола. Ќе биде еден ден.

Годинава тоа беше Паразит. Режисер е Bong Joon-ho, истиот човек зад феноменалниот Сноупирсер и Oкџа, филм кој не сум го гледал, но за кој читам само добри работи. Паразит е можеби најдобриот филм што го гледав годинава (велам можеби бидејќи не сум се потрудил да направам листа на сите филмови што ги гледав – но на прва тука е, помеѓу најдобрите три).

Во Паразит, четиричлено сиромашно семејство сонува за богатство и раскошен живот. Заробени во некое „затуцано“ предградие во Кореја, тие живеат во нешто што наликува на подрум. Без пари и без работа, тие склопуваат опаковки за пица за да заработат „некој денар“. Тие крадат интернет од соседниот кафич и ги оставаат прозорите отворени кога надвор прскаат против инфекции – за да се дезинфицира и нивниот дом. Режисерот не троши време за да ни покаже колку само е безнадежна состојбата на ова семејство.

Но, еден ден среќата чука на врата. Другар на Ким-ву, најмладиот член од оваа симпатична фамилија доаѓа во посета и на Ким-ву му нуди работа. Да го замени како тутор на девојче од екстремно богата и ексцентрична фамилија – фамилијата Парк. Фамилија која живее во палата што изгледа како да е искочена од профилине (Architectural Digest итн.) на Инстаграм.

И тука почнува возбудата. Ким-ву брзо се вклопува во својата нова улога на тутор. Со лажна диплома од факултет, ново име („Кевин“) и самоуверен став тој веднаш ја покажува својата вредност. Неговата нова ученичка дури и се вљубува во него (тој ја возвраќа љубовта – барем така мислам). Ким-ву приметува и можност да ја вработи и неговата сестра. Фамилијата има потреба од учител по дизајн и уметност за нејзиниот син. Ким-ву ја препорачува неговата сестра, која исто така си дава необичен алијас („Џесика“). Набргу потоа, тие ги внесуваат и нивните мајка (како новата куќна помошничка) и татко (како новиот шофер). Еден по еден, се шират како паразит.

Членовите на фамилијата Парк се пресреќни со сите нив, без да знаат дека всушност се во заблуда. Сепак, откако се случуваат повеќе позитивни работи за нашите „херои“ работите се вртат наопаку. Не биле само Парк во заблуда. Твистот кој го смислил Бонг е феноменален и ептен непредвидлив. Мајсторски изведено. Една од главните пораки што режисерот веројатно сакал да ги пренесе е влијанието на класните разлики врз раздорот во општеството.

Во Паразит има комедија, хорор и драма. Глумата е предобра, сценариото одлично. Не можам да замислам како ќе изгледа филмот ако се преработи за Холивуд. Но, не мора да остане само на имагинација. Добар пример е Олдбој. Оригиналот е легендарен и иако сум го гледал до пола, таа половина е подобра од повеќето холивудски филмови што сум ги гледал. Холивудскиот римејк е прилично лош.

Филмовите на Бонг се како магнет за вниманието. Секој кадар во Паразит е нешто што морав да го видам, бев целосно присутен и внимавав (captivated е соодветен термин) на она што се случува на екранот. Тоа ретко се доживува и затоа Паразит е еден од најдобрите филмови што ги гледав во 2019.  

Претходна статијаДали порнографија потпаѓа под слобода на изразување?
Следна статијаФИКТ Битола бележи успех за 2019 преку реновирање, опремување и проектот „Вработи млади“