apple-iphone-6-plus-gold-gallery-img-1-bp3-011215

Иако имаше извори кои известуваа дека Force Touch нема да биде достапен во новите iPhone-и, кои треба да бидат претставени оваа година, испадна дека новата технологија сепак ќе биде достапна во телефоните.

Новите информации доаѓаат директно од добавувачите на делови за новите телефони на Apple, според кои, производството на вакви екрани е веќе почнато. Ова значи дека iPhone 6S и iPhone 6S Plus, ќе имаат Force Touch, но истиот ќе биде малку различен од тој што се користи во Apple Watch, односно ќе регистрира различни зони на притисок.

Оваа технологија треба да придонесе за подобрено искуство при интеракција со самиот телефон. На пример, корисникот сега ќе има чувство дека вистински притиска на копче, што е многу корисно кога се користи тастатурата. Исто така, различен притисок на прстот ќе има различни функции, па така, силното притискање на екранот може да го замени долгото притискање за секундарни функции.

Покрај Force Touch, новите iPhone-и нема да донесат други преголеми промени. Екраните ќе бидат исти како на актуелните модели, што значи дека и надворешните димензии и изгледот ќе бидат исти. Камерите конечно ќе скокнат на 12 мегапиксели и кај двата модели, што значи дека можеме да очекуваме и Ultra HD видео. Секако, процесорот ќе биде од најновата генерација A9, со две јадра со брзина од 2 GHz.

За разлика од некои претходни информации, според најновите извори, нема да биде претставен трет модел со големина од 4 инчи, кој треба да го наследи iPhone 5S, што е логична одлука, бидејќи пазарот веќе не прифаќа мали телефони од високата класа.

iPhone 6S и 6S Plus ќе бидат претставени на крајот од Септември годинава, блиску до претставувањето на новиот Galaxy Note 5, па ќе биде интересно да видиме кои модели ќе имаат поголем импакт на пазарот.

Извор: Bloomberg, Ubergizmo

Претходна статијаGoogle воведува подобрувања во мобилните реклами за намалување на случајните кликови
Следна статијаGPS, роботи и безпилотни летала – Технологии кои ќе ги гледаме на полињата на иднината