13931871659_a7188e1be8_z

Сите возрасни и зрели луѓе сфаќаат дека храната не се „раѓа“ во фрижидерот туку треба да се произведе и заработи за да може да се дојде до неа. Голем дел од храната денес од растително потекло се создава преку полјоделство, при кое огромни површини со обработлива почва систематски се обработува за да роди плод.

По префрлањето на овој начин на создавање на храна луѓето престанале да бидат номади и си обезбедиле посигурно преживување (со намалување на квалитетот на храната поради префрлање кон храна со повеќе јаглехидрати, а помалку белковини и масти). Луѓето низ историјата ја зголемувале ефикасноста на обработката на земјата за да го извлечат максималното количество на храна со минимален можен влог, но човековата ефикасност има граница.

Затоа на помош доаѓаат неколку модерни технологии кои ќе овозможат кревање на оваа граница над тоа што е човечки можно. Употребувајќи GPS/Глонасс позиционирање на трактори, роботи кои самостојно ќе ги ораат полињата или берат плодовите, и безпилотни летала кои ќе ги надгледуваат и испитуваат квалитетот на почвата или плодовите, систематското обработување на полињата ќе се стекне со друга, надградена димензија.

Замислете си робот кој би поминувал по полето и со помош на разна технологија ќе може самиот да бере јагоди, јаболка или грозје; да пушта пестициди токму таму каде што е потребно за да се уништат бубачки; или да пушта вештачко ѓубриво таму каде што почвата изгубила дел од квалитетот.

Беспилотното летало би можело да ја набљудува почвата од горе, да се симнува на одредени места и да го испитува нејзиниот квалитет, па потоа да му пренесе на роботот на површината каде да употреби ѓубриво, а каде повеќе вода. Автоматизираниот трактор би можел сам да ја ора нивата и тоа поефикасно од човек, правејќи мапи за изорана и неизорана почва која треба да се помине, и со помош на напредни алгоритми да одреди каде и по која патека да помине за да биде максимално ефикасен во однос на енергија, ѓубриво, семиња и слично.

Ваквите технологии, како и секоја друга, неизбежно водат кон намалување на потребата од човечки работници. Маргинализацијата на луѓето во работната сила е еден горлив проблем кој веќе создава тензија, а наскоро ќе стане хроничен и може да предизвика огромни бранови на незадоволство кај луѓето ширум светот. Време е да се посветиме повеќе и на етичките проблеми со напредокот на технологијата, а не само безглаво да тераме напред без земање на проблемите предвид.

Извор: Discover Magazine, Croplife

Претходна статијаНовите iPhone-и ќе доаѓаат со Force Touch технологија
Следна статијаSnapdragon 820 ќе работи на 3.0 GHz