Royole од Калифорнија е компанија која ги “претрка” другите големи и познати компании и го претстави првиот смартфон во светот којшто има еластичен екран кој може да се превиткува.

Ова е нова категорија на уреди кои ќе ги видиме повеќе оваа година, а се очекува водачи на пазарот да бидат Samsung, Huawei, Xiaomi, како и уште неколку други компании.

Овие уреди ќе се користат како обични смартфони, лесни за ставање во џеб, но кога ќе се има потреба од поголем екран, како при гледање на видео и слично, уредот ќе може да се отвори и да се добие дупло поголем екран.

“Борбата”, а посебно сега на почетокот, ќе биде во тоа кој ќе претстави најдобар ваков уред, односно најфункционален и најважно од се, најтенок и со што помали рамки околу екранот.

Причината за истото се гледа во FlexPai, уредот од Royole, кој можеби го доби првото место за времето на претставување, но секако очекуваме многу подобри уреди во иднина и од другите производители.

Овој уред се превиткува, меѓутоа екранот не се допира целосно, односно на целиот дел кога е затворен. Тоа значи дека кога е затворен, уредот е прилично дебел за тоа што сме навикнати досега.

Eric Chan/Engadget

Исто така, присутните на настанот кажуваат дека кога е отворен, екранот нема некаков механизам којшто ќе го прицврсти во таа позиција, па се познава местото каде што се превиткува, односно никогаш не е целосно отворен и рамен.

Што се однесува до карактеристиките на FlexPai, се работи за уред од високата класа, па со оглед и на технологијата на екранот, тој ќе биде прилично скап.

Екранот кога е отворен има 7,8 инчи и е изработен во AMOLED технологија. Резолуцијата е нешто помала од што сме исто така навикнати кај уредите од највисоката класа, па FlexPai има резолуција од 1.920 на 1.440 пиксели.

Кога е затворен уредот, се добиваат два екрани на двете страни, со по околу 4 инчи големина и различен формат поради поголемата рамка на едната страна каде се сместени повеќето компоненти.

Чипсетот на кој што работи FlexPai е најновиот од Qualcomm, односно Snpadragon 855, а нуди избор од 6 и 8 GB RAM меморија, како и 128 и 256 GB простор за податоци.

Камерата е двојна и има сензори од 16 + 20 мегапиксели, а со оглед на флексибилноста на уредот, нема друга камера.

Оперативниот систем на којшто работи FlexPai е Android 9 Pie, меѓутоа поради флексибилноста на екранот и немањето на поддршка од Android за вакви уреди, Royole има развиено посебен “скин” со потребните измени.

Јас лично со нетрпение ги очекувам ваквите уреди од останатите производители, со што ќе се знае дали ќе треба сепак да чекаме технологијата уште малку да напредне или веќе годинава ќе може да почне револуцијата.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.