Во текот на вчерашниот ден, за време на Snapdragon Tech Summit настанот од компанијата кој го одржа во Хаваи, Qualcomm го претстави очекуваниот и понапреден мобилен чипсет Snapdragon 855.

Ова е име кое нема на кој не му е познато, а е присутно скоро кај сите производители на мобилни телефони. Snapdragon 855 е наследник на минатогодишниот 845 и е чипсет за уредите од највисоката класа, па може да го очекуваме во уредите како Galaxy S10 (за американскиот пазар), но и кај LG, Moto, Google и останатите.

Овој нов чипсет е направен во 7nm технологија, па може да се очекува значително зголемување во перформансите. Според Qualcomm, може да се очекува до 45% подобри перформанси со новиот Qualcomm Kryo 485 процесор, во споредба со минатогодишниот, како и до 20% подобрување кај графичкиот процесор Adreno 640.

Инаку, Snapdragon 855 e 8 јадрен процесор кој може да работи до 2,84 GHz, а вклучува едно главно јадро, три јадра за подобри перформанси и четири јадра за подобро штедење на енергија.

Оваа генерација од процесорот на Qualcomm доаѓа и со подобра технологија за брзо полнење на уредите, односно Quick Charge 4+, која ќе овозможи полнење на уредот од 0 до 50% за 15 минути, се разбира кај компатибилните уреди.

Три карактеристики го одликуваат новиот Snapdragon 855, карактеристики кои се карактеристични за напредокот на технологијата изминатите години, нешто што го гледаме оваа година, а посебно ќе го видиме кај уредите од идната година.

Прво, овој чип ќе има поддршка за 5G мрежите. Оваа поддршка нема да биде стандардно вградена, но затоа ќе овозможи најголеми брзини преку 4G мрежата, додека производителите кои ќе сакаат да претстават и уред со 5G, истото ќе може да го направат.

Вештачката интелигенција е исто така голем дел од подобрувањата кај 855-ката. Четвртата генерација, како што ја нарекуваат од Qualcomm на AI можност, доаѓа со три пати подобри перформанси од претходниците. Оваа карактеристика е нешто без кое нема да се може идната година, а веќе гледаме како вештачката интелигенција прави огромна разлика кај фотографиите, односно во можноста за подобро препознавање на различните објекти кои се сликаат.

Самите можности за фотографија се значително подобрени со новиот процесор за сликање Spectra 380, а од компанијата преминуваат од JPEG на поновиот и напреден HEIF формат.

Сите детали поврзани со новиот Qualcomm Snapdragon 855 чипсет можете да ги погледнете на официјалната страна од компанијата на следниот линк.

ИЗВОРQualcomm
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаПет омилени книги на Бил Гејтс за 2018
Следна статијаGoogle го средува „хаосот“ од апликации за разговори – Allo престанува со работа на сметка на Messages
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.