AndroidHeadlines

Како што веќе сигурно повеќето од вас знаат, Samsung ќе го претстави Galaxy Note 9 на настан во Њујорк идниот месец, поточно на 9-ти август. Тогаш конечно ќе го видиме овој уред за кого не престануваат неофицијалните информации, а дури имавме и тврдење од руски сајт дека го имаат тестирано при нивна посета на САД.

Она што е заедничко за сите досегашни неофицијални информации е дека овогодинешниот Note модел нема да биде нешто посебно различен од ланскиот. Ова може да се каже и дека е очекувано, а главните промени Samsung ги планира за моделите од идната година.

AndroidHeadlines излегоа со „рендер“ од Galaxy Note 9 за кого нивните извори тврдат дека е официјален, односно дека Note 9 точно така ќе изгледа.

Тоа што може да се види од сликата, која за жал е само од предната страна, е дека Note 9 навистина нема да има никакви промени на предната страна и ќе изгледа исто како Note 8.

Она што само може да се забележи, меѓутоа не е сигурно дали е точно, е дека рамката на долната страна од уредот, можно е да биде нешто помала. Како и да, е остатокот од уредот е ист.

Главните промени на Note 9 се очекуваат на задната страна, каде сензорот за отпечатоци ќе биде поставен на повеќе удобната и барана позиција, под камерата. Се разбира, промени ќе има и во карактеристиките на уредот кој ќе дојде со најновите и моментално најсилни, а се очекува и новини кај камерата.

Според најавата од Samsung, најверојатно главната новина кај Note 9 ќе биде неговото S Pen пенкалце кое најверојатно ќе дојде со Bluetooth поддршка, што значи дека ќе има многу повеќе функции од досегашната за пишување на екранот.