Samsung Galaxy Note 9 се очекува да биде претставен на 9-ти август, односно оваа година скоро цел месец порано од ланскиот модел. Ова како и обично е со цел подобра стартна позиција на телефонот пред претставувањето на најверојатно три нови iPhone модели оваа есен од страна на Apple, кои би требало да бидат направени во стилот на iPhone X.
Датата се’ уште не е потврдена од страна на Samsung, а тоа може да се очекува дури идниот месец. Како еден вид на потврда, односно информација која оди во тој правец е шифрата откриена во листата на FCC, односно Комисијата за комуникации на САД, со што се смета дека датата се ближи.
Шифрата на уредот која е откриена е SM-960F, па со оглед на тоа што ознаката на Note 8 моделот е SM-950F, може да се заклучи дека се работи за наредната генерација од Note 8, односно очекуваниот Galaxy Note 9.
Покрај големите очекувања од страна на корисниците, како што е сензор за отпечатоци на предната страна под екранот, уште помали рамки и слично, сепак информациите говорат дека Note 9 нема да биде многу различен од неговиот претходник.
Се разбира, телефонот ќе дојде со поновата генерација на чипот од Qualcomm и соодветната негова замена за Европа од Exynos од Samsung, подобрена камера, најверојатно и подобра позиција на сензорот за отпечатоци како кај S9 моделите, а најавени се и некои нови функции на S Pen пенкалцето.