Уредите од Samsung се едни од најпопуларните без разлика за кој регион се работи во светот. Ова посебно важи за нивните уреди од највисоката класа, па ние сигурно нема да се трудиме да ви покажеме што значи овој бренд во мобилната телефонија. Она што ние би сакале е да го пренесеме нашето искуство со нивниот најнов уред, поточно еден од нивните два најнови уреди од највисоката класа, па да заклучите дали сметате дека од компанијата продолжуваат да ги прават едни од најдобрите уреди на пазарот.

Уште на почетокот ќе го дадам одговорот на поставената „дилема“, барем од моето искуство, па ќе кажам дека Samsung остануваат едни од ретките уреди кои сакам и можам да ги користам. Се работи за квалитетни уреди со доволно новитети кои прават да има зошто да се купат. Она што би истакнал е дека доколку сте корисник на ланскиот модел или на Note 8, причините за купување на S9, иако ги има, сигурно не се доволни на број, па ова би го оставил само за корисниците кои имаат доволно пари и интерес во технологијата.

Samsung Galaxy S9 е помалиот од двата уреди кои Samsung обично ги претставува во првата четвртина од годината. Тоа обично значи дека иако ги има повеќето, сепак одредени карактеристики се оставени за поголемиот и поскап модел, но тие разлики не се доволно големи, па јас би рекол дека одлуката за купување на овој или поголемиот модел останува на преференциите кои ги имаме за големината на екранот.

Infinity екранот останува една од најголемите предности на Galaxy S серијата

Galaxy S9 доаѓа со 5,8 инчен Super AMOLED екран со резолуција од 2960×1440 пиксели, односно се работи за 2К екран. Големината на екранот и резолуцијата овозможуваат густина на пикселите од 570 пиксели на инч, што значи дека нема ситуација или близина на користење која ќе направи да видите некој пиксел.

Како и секоја година, екраните од Samsung се на врвот од листата на многу експертски тестирања. Острината на сликата, квалитетот, боите, едноставно чувството кое се има додека се користи овој уред се неспоредливи скоро со никој друг уред, односно мал е бројот на уреди кои можат да конкурираат.

Според мене, најголемата предност на Galaxy S9, а и на другите уреди од Samsung кој го имаат овој стил, е Infinity екранот. Додека другите производители, па и Apple се обидуваат да направат екран со што помали рамки околу него, за мене Samsung го има најдоброто решение. Додека технологијата не го овозможи тоа, нема потреба од тргање на рамките од горната и долната страна, а тоа обично другите го прават со веќе познатиот исечок на горната страна.

Сите конкуренти на Samsung, без разлика колку мали рамки имаат на горната или долната страна, го немаат ефектот којшто се постигнува со заоблување на екранот од страните, со што на Samsung уредите се добива слика без никакво ограничување на страните. Рамките на горната и долната страна се доволно мали, па во споредба со телефоните на кои се имаме навикнато пред нив, тие не може да пречат, едноставно не може.

Другата огромна предност на Infinity екранот е и тоа што уред со 5,8 инчен екран не е воопшто поголем од Galaxy S7 моделот којшто доаѓа со 5,1 инчен екран и според мене идеални димензии, односно не е преголем, а далеку е од мал.

Користете ја максималната резолуција на екранот

Galaxy S9 доаѓа, односно може да дојде со резолуцијата намалена на Full HD, наместо на најголемата со која доаѓа телефонот. Резолуцијата може да се промени во Settings, а истата се поставува на помала вредност поради заштедата на батерија.

Сепак, ние би препорачале да ја користите максималната резолуција која е достапна. Заштедата на батерија од наше искуство е незначителна во споредба со предноста која се добива. Иако тешко е да ги забележите пикселите и на Full HD резолуција, сепак максималната резолуција едноставно нуди подобро искуство. Сликата е помазна и попријатна за окото, а посебно при читање на текст, како на пример во Kindle апликацијата.

Galaxy S9 ги учи нашите преференции за јачината на екранот

Светлината на екранот ние ја користиме на автоматскиот режим. Не можам да замислам да постојано го намалувам или појачувам екранот, зависно од тоа каде и во кое време од денот го користам. Она што открив при користењето на Galaxy S9 е дека телефонот учи со текот на времето која јачина најмногу ни одговара.

Тоа значи дека доколку автоматската светлина во одредена ситуација нас не ни одговара и ја прилагодиме самите, Galaxy S9 ќе го запомни тоа и во иднина подобро ќе ја прилагодува јачината на екранот во такви и слични услови.

Intelligent Scan

Оваа функција на телефонот беше најавувана уште пред неговото претставување, а нас лично многу позитивно не изненади. Се работи за отклучување на телефонот со комбинација на препознавање на лицето и скенирање на окото, поточно ирисот (шареницата). Сепак, користењето на оваа комбинација, исто како и само препознавање на лицето, не се смета за една од најсигурните начини за заштита на уредот, па препорачуваме користење со одредена доза на внимание.

Причината поради која позитивно бевме изненадени од оваа функција е брзината на отклучување на уредот. Посебното користење на двата методи кои се дел од Intelligent Scan не овозможуваат толку брзо отклучување на телефонот, па прилично брзо се навикнавме да ја користиме оваа функција.

Камера со супер интересен Super Slow Motion режим на снимање

Главната камера на Galaxy S9, односно задната, иако не е двојна како во поголемиот плус модел, сепак има што да понуди. Истата е со сензор од 12 мегапиксели и f1,5-2,4, што ја прави оваа камера одлична за правење на слики во темни услови.

Снимањето со оваа камера е овозможено со новиот Super Slow Motion режим кој снима со 960 fps, за разлика од 240 fps на „обичниот“ забавен режим. Снимањето во Super Slow Motion е поддржано до максимална резолуција од 720p, обичниот забавен режим до 1080p, додека во 4К резолуција може да снима со одлични 60 fps. Камерата исто така има автоматски HDR режим, па квалитетот на сликите и видеата може да се однесат на едно ниво погоре.

Кога се спремата да снимате видео, би препорачале истото да го направите со држење на црвеното копче, наместо само негово притискање. При снимање се менува кадарот на тоа што се гледа, па со држење на копчето, добивате шанса да го прилагодите пред да почне снимката.

Во продолжение можете да го видите самите квалитетот на камерата од сликите кои ги направивме, како и Super Slow Motion видеата кои се навистина интересни за гледање.

Во посебни статии ќе обрнеме внимание на некои од посебните делови на Galaxy S9, како на пример камерата или како да направите одредени корисни работи со овој телефон.

За сега би заклучиле дека Samsung останува еден од најдобрите производители на пазарот, а Galaxy S9 дефинитивно е уред којшто ние би го препорачале.

Претходна статијаПозитивните вибрации на Баскерфест започнуваат од Охрид
Следна статијаMoto Z3 Play е третото продолжение од модуларниот телефон од средната класа
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.