iOS 12 е наредната верзија од мобилниот оперативен систем на Apple, која беше претставена на WWDC 2018 на почетокот од овој месец. Како и обично, по претставувањето, програмерите имаат шанса да ја тестираат новата верзија, па со тоа и да ги проверат своите апликации пред официјалното пуштање за сите корисници.

Новата верзија од iOS на површина во главно останува иста, меѓутоа донесува поголеми подобрувања во перформансите, но и неколку новини како што е статистика за користењето на уредот, групни известувања, групни видео разговори во FaceTime и повеќе.

Иако не би ви препорачале да ја инсталирате бета верзијата, а посебно на вашиот главен телефон, сепак доколку сте заинтересирани и сакате порано да го пробате iOS 12 и сметате дека соодветно ве имаме предупредено, еве како да го направите истото.

На Apple Beta Software Program страната потребно е да се регистрирате или да се најавите доколку веќе го имате направено тоа за претходните верзии. Ова може подобро е да го направите директно од уредот на којшто сакате да ја инсталирате бета верзијата поради тоа што по најавата ќе треба да го изберете iOS, по што ќе треба да симнете конфигурациски фајл, односно бета профил, којшто ќе овозможи вашиот уред да биде надграден на бета верзија.

По симнувањето на фајлот, истиот треба да се инсталира, по што со проверување за нови верзии од софтверот, како што тоа го правите кога е достапна официјална верзија од iOS, ќе ви биде понудена инсталацијата на моментално достапната бета верзија. Надградбата се прави како и обично, уредот се рестартира, по што ја имате бета верзијата од iOS 12.

Повторно би нагласиле, да не го правите ова доколку немате резервен уред кој би го користеле доколку нешто не испадне како што треба, а тоа е секогаш можно и со финалните верзии, а бета верзиите се разбира се сметаат за повеќе „ризични“.

Претходна статијаGalaxy Note 9 забележан на страната на FCC со што се потврдува приближувањето на неговото претставување
Следна статијаПет книги кои Бил Гејтс ги препорачува за ова лето
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.