Samsung се очекува да го претстави наредниот Note на 7 август во Њујорк, барем така кажуваат неофицијалните информации од минатата недела. Кога ќе се земе во предвид претставувањето на Note серијата од изминатите две години, оваа дата изгледа како точна, односно барем нешто во тој дел од месецот.

Од досегашните неофицијални информации можевме да видиме дека од Note 10 се очекува дојде во барем две варијанти, кои можно е да имаат дополнителни две 5G верзии. Исто така, Samsung ќе го искористи повторно Infinity-O екранот којшто се користи во S10 уредите, но во Note 10 дупката за камерата ќе биде поставена во средината, а не на десната страна од екранот.

На задната страна ќе бидат поставени три камери, барем кај најавениот и уште неофицијален Note 10 Pro модел, а еве сега ги имаме и првите информации кои се однесуваат на дел од карактеристиките на тие камери.

Galaxy S10 дојде со таканаречена двојна „апертура“ на леќите која овозможува две различни нивоа на отворање и примање на светлина.

Според информациите кои ги има добиено познатиот Ice Universe, во Note 10 Samsung ќе вгради „апертура“ од три нивоа, односно истата ќе има f вредност од F1.5, F1.8 и F2.4.

Овие вредности покрај тоа што покажуваат дека камерата на Note 10 ќе има одлични можности за сликање во темни услови, покажува и дека истата ќе може да се прилагоди на условите и да овозможи најдобро можно осветлување, без притоа сликата да биде повеќе од потребното осветлена или помалку.

Втората информација која ни ја пренесува исто така Ice Universe е дека Samsung во Note 10 ќе ја искористи својата лани најавена технологија за пуштање на звукот преку екранот. Оваа технологија секако не е ексклузивна за Samsung, а тие нема да бидат ни првите кои би претставиле ваков уред.

Note 10 би бил првиот Samsung уред со вакво решение, а оваа најава исто така оди во правец на најавите дека рамките на овие уреди ќе биде досега најмали, па ќе нема ни каде да се постави звучник.

Оставете коментар