Дека Samsung ќе го претстави Galaxy Note 10 во август, е нешто што го сметаме за сигурно, со оглед на претставувањето на претходните модели. Сега ја имаме и точната дата која иако не е потврдена од Samsung, сепак доаѓа од медиум каков што е Cnet.

Тие тврдат дека извори кои се запознаени со плановите на компанијата истакнуваат дека настанот Unpacked ќе се одржи на 7-ми август во Њујорк. Ова е скоро истата дата како лани, а се најавува дека настанот ќе биде одржан и на истото место во Бруклин.

За Note 10 веќе неколку пати можевме да прочитаме неофицијални информации, па сега веќе сигурно очекуваме дека тој ќе има две варијанти, кои најверојатно ќе имаат и посебни 5G верзии.

Тоа значи дека Samsung ќе претстави и поголем модел од стандардниот којшто обично има околу 6,4 инчен екран. Поголемиот Pro модел треба да има 6,7 инчен екран, а и двата модели нема да имаат нешто посебно поголеми димензии, а тоа се должи на втората неофицијална информација.

Екраните на двата Note 10 модели ќе имаат многу мали рамки на долната и горната страна, односно тие скоро и ќе ги нема. На горната страна камерата ќе биде сместена во мала дупка, како кај S10-ките, со тоа што кај Note 10 таа ќе биде во средината, наместо на десната страна.

Galaxy Note серијата обично важи за повеќе бизнис ориентирана серија, како и за корисниците кои сакаат нешто поскап и телефон со поголем квалитет и новини во технологијата.

Претставувањето на два модели ќе овозможи да корисниците кои сакаат уште поголем екран, сега имаат избор, без притоа да се „разочараат“ корисниците кои сметаат дека тоа што веќе се нуди е доволно.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.