Веќе подолго време се шпекулира дека Facebook планира да влезе во „светот“ на криптовалутите и со тоа да претстави сериозна конкуренција на Bitcoin и уште неколку слични и познати.

Facebook Libra е резултатот на тие очекувања и Facebook дефинитивно влегува на овој пазар, да го наречеме така. Криптовалутата која ја основа оваа компанија ќе започне со работа од идната година, а ќе биде раководена од страна на Libra Association.

Интересното е што од Facebook се решија за концепт којшто нив не им дава голем и мнозински удел во Libra, па тие во Libra Association ќе учествуваат преку нивната нова подружница Calibra, која во исто време ќе биде и крипто паричникот од компанијата, преку која ќе имаат само еден глас од скоро 30.

Во Libra Association ќе учествуваат многу познати компании од повеќе области како што се Visa, Mastercard, Uber, PayPal, Spotify, eBay, Lyft, Vodafone и други.

Иако Libra работи на основа на блокчејн, сепак кога добро ќе се разгледа, оваа криптовалута не функционира на ист начин како Bitcoin и другите. Вредноста на валутата ќе биде одредена од страна на организацијата и нема да зависи од шпекулации и други фактори кои често прават да Bitcoin варира премногу.

Исто така, начинот на којшто ќе се регулираат трансакциите, нема да биде на ист начин како кај Bitcoin, а нема да постои ни таканареченото „копање“.

Според некои, Libra е еден вид на PayPal за модерното време кој овозможува поголема приватност и безбедност на паричните средства поради блокчејн технологијата.

Од друга страна, од Facebook ја гледаат Libra како валута која ќе ги поврзе скоро 2 милијарди луѓе во светот, како што се истакнува, кои не користат банкарски услуги.

Тоа значи дека за Libra се планира во иднина да може да се користи за давање на кредити и слично.

Facebook и останатите ќе заработуваат од Libra како и секоја банка, со тоа што се најавува дека поради технологијата, провизиите ќе бидат значително помали, за одредени трансакции може и да ги нема.

Како посебен случај каде Libra може да се покаже како корисна се интернационалните трансакции, на пример кога некој праќа пари дома во својата земја. Провизиите денес за таквите трансакции се огромни, па заштедата која се најавува е прилично голема.

Facebook за идната година кога ќе започне со работа Libra, планира да го претстави и својот крипто паричник Calibra. Овој паричник, покрај тоа што ќе биде достапен како посебна мобилна апликација, ќе биде вграден и во апликациите од Facebook, како Messenger, WhatsApp, но и самата Facebook апликација.

Детални и стручни информации за тоа што ќе биде Libra и технологијата на која функционира Facebook ги има објаснето во голем документ, односно „White Paper“ којшто можете да го прочитате на следниот линк.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.