Energizer е бренд којшто на повеќето ни е познат по производството на батерии. Тие сепак, а не им е првпат, се „мешаат“ и на пазарот на паметни телефони, а тоа го прават со помош на не баш познатата француска компанија Avenir Telecom, која ги произведува телефоните под брендот на Energizer.

Од оваа компанија планираат да настапат на MWC 2019 саемот, којшто се одржува овој месец во Барселона, со претставување на дури 26 нови мобилни телефони.

Овие мобилни телефони ќе бидат дел од 4 различни категории од производителот, односно од Power Max, Ultimate, Energy и Hardcase. Повеќето од 26-те телефони ќе бидат од пониската класа, меѓутоа од компанијата најавуваат и неколку кои дефинитивно ќе го привлечат вниманието.

Повеќе информации за телефоните ќе може да се видат на MWC 2019, но уште од сега се најавуваат модели со камери кои ќе се појавуваат од самото тело на уредот. Со тоа ќе се овозможи екран без скоро воопшто рамки околу него, без потреба и од исечок или дупки во него.

Исто така, од компанијата најавуваат и уред со екран којшто ќе се превиткува, а интересно ќе биде да видиме што од оваа компанија ќе може да претстават во тој правец. Сепак се работи за нова технологија, па верувам дека навистина ќе вредат таквите од Samsung и другите поголеми компании кои најавуваат вакви уреди.

Можеби најмногу очекувано од компанија како Energizer ќе биде уредот којшто тие го најавуваат со батерија со огромен капацитет од 18.000 mAh. Ова ќе биде уред со најголемата достапна батерија, уред кој веруваме ќе нема проблем да издржи барем 2-3 дена без полнење. Колку ќе биде голем на сметка на батеријата, останува да видиме кога ќе биде претставен.