Пред извесно време објавивме коментар на Соопштението на Народна банка за правниот статус на Биткоин и крипто-валутите. Да се потсетиме на муабетот.

Имено, во септ. 2016 Народна банка се огласи со соопштение во кое укажа на ризиците од инвестирање во специфична „криптовалута“ (OneCoin) и генерално укажа дека согласно постојните законски прописи граѓаните на РМ не смеат да инвестираат во деривати или хартии од вредност надвор од земјата (или да имаат странски сметки). 

Тогаш укажавме дека Соопштението на НБРМ не е апликативно за Биткоин (и другите попознати криптовалути) бидејќи при нивно купување не мора да отвориш сметка во странство ниту пак станува збор за дериватен инструмент туку сосема нов концепт – дигитална валута. Заклучокот беше:

„Се додека не се промени законодавството (не случајно оние малку земји кои ги забранија криптовалутите тоа го сторија со измена на законодавството!), криптовалутите се „сива-зона“ во Македонија (она што е сигурно е дека не се платежно средство)…

Со други зборови, во овој случај важи уставното начело: Во Република Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането!!!“

Со други зборови, и досега Биткоин и сличните криптовалути не беа забранети!


Сепак, од пред некој ден Министерството за надворешни работи објави „Одлука за премин во втора фаза на асоцијација меѓу РМ и Европската заедница“. Ова значи дека дел од законодавството кое важеше во првата фаза (2004 – 2018) престанува да важи и делумно се либерализираат пазарите на капитал. На пример, престануваат да важат член 11 став 1, член 13 став 2 … Поточно, се укинува забраната за вложување во недвижност во странство, забраната да вложуваме во хартии од вредност и сл.

Со ова всушност и Соопштението на Народна банка веќе се заснова на одредби кои престануваат да важат. Секако, ризиците на кои НБРМ предупредува се реални и остануваат да постојат и секој граѓанин треба да си одлучи за себе дали и колку му се прифатливи.

Кратко и јасно, купување Биткоин и криптовалути не беше забрането никогаш (со исклучок на OneCoin). Од пред некој ден оваа „сива зона“ станува бела. Барем се додека Државата не донесе конкретен правен акт со кој ќе го регулира правниот статус на криптовалутите (што не верувам дека има доволно капацитет да го направи соодветно во периодов). Дотогаш, дишете слободно.

Претходна статијаEnergizer ќе претстави 26 телефони на MWC 2019 меѓу кои телефон со 18.000 mAh батерија и телефон со екран на превиткување
Следна статијаSamsung ќе претстави нов Galaxy Watch со претставувањето на S10-ките
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.