Во септември 2016 година Народна банка се огласи со соопштение во кое „укажува на постојната законска регулатива поврзана со овој вид трансакции, но и високите ризици кои ги носи инвестирањето, чувањето и разменувањето на оваа [Onecoin] дигитална крипто валута“. Добра критика на целото Соопштение веднаш објави Баже Петрушев од Слободен софтвер Македонија која вреди да се прочита. Нас тука не интересира Соопштението од аспект на одзагатнување на правниот статус на Биткоин и криптовалутите во Македонија.

Проблемот во Соопштението на НБРМ е веднаш воочлив – се однесува на класична Понзи шема, Onecoin, која единствена врска со легитимните криптовалути (како bitcoin) е злоупотребата на името „криптовалута“. Купувањето на Onecoin е специфично и вклучува трансфер на средства на странски сметки (небитно за нас, затоа не влагаме во детали). Оттука, НБРМ ја користи токму оваа специфика за да укаже дека „купувањето, односно инвестирањето …во дигитални (крипто) валути, според регулативата на РМ, не е дозволено“. Имено, НБРМ се повикува на постојните законски прописи според кои не смееме да отвориме сметка во странство, ниту пак да вложуваме во хартии од вредност во странство или пак во дериватни финансиски инструменти.

И колку е ова апликативно за Onecoin, не е апликативно за Bitcoin, како најважна криптовалута (и за останатите, барем оние попознатите)! Како што добро знаат повеќето од читателите на Smartportal, не ти треба отворање на странска сметка за Bitcoin туку „крипто-новчаник“, a Bitcoin не е дериватен финансиски инструмент туку целосно дигитална валута (иако законодавците сеуште не се најсигурни баш дали е валута, средство или нешто трето).

При огромен број земји кои или ги „озаконија“ или пак не ги забранија криптовалутите (листата е огромна, и вклучува земји како скандинавските, Швајцарија, Чешка, генерално ЕУ, САД, итд.), ставот на НБРМ е, најблаго кажано, избрзан. Наместо да стоиме рамо до рамо со земји како Швајцарија, скандинавските, Чешка, САД, и генерално развиениот свет, ние стоиме рамо до рамо со земји како Бангладеш, Непал, Алжир и Боливија! Но, уште поважно, ставот на НБРМ е правно неоснован. Не може – и не смее – НБРМ да мисли дека Onecoin, измамничка шема, е = на една од најголемите технолошко-финансиски иновации во модерната историја!

Се додека не се промени законодавството (не случајно оние малку земји кои ги забранија криптовалутите, тоа го сторија со измена на законодавството!), криптовалутите се „сива зона“ во Македонија (она што е сигурно е дека не се legal tender) и единствена надлежност која НБРМ ја има кон истите е да изрекува препораки кои за граѓаните не се задолжителни.

Со други зборови, во овој случај важи уставното начело: Во Република Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането!!!

Претходна статијаПодкасти кои вреди да ги слушате
Следна статијаПрвиот смартфон со исечок на екранот, Essential Phone, не се продава – најавена можна продажба на компанијата