Screenshot_2

На големо изненадување, после сите маркетиншки потези поврзани со OneDrive сервисот, оваа недела Microsoft реши значително да го намали просторот за складирање кој што го добиваат корисниците. Засегнати со промените се и бесплатните корисници, но и корисниците кои што плаќаат за сервисот.

За потсетување, OneDrive веќе нема да нуди неограничен простор за корисниците на Office 365, а просторот од 15 GB за бесплатните корисници е намален на 5 GB. Бесплатните корисници исто така веќе нема да добиваат и бонуси, како што беше тој за вклучување на камера бекап.

Очекувано, корисниците на овој сервис не се задоволни и истото го искажаа преку User Voice страна на OneDrive, каде што бараат враќање на досегашните, односно се’ уште важечките ограничувања.

Досега за барањето имаат гласано повеќе од 50.000 корисници, што доколку се земат во предвид други гласања на оваа платформа, се работи за огромен број. Дали од Microsoft ќе се одлучат да ја променат одлуката до идната година, од кога и треба да почне да важат промените, останува да видиме.

Главната причина која што беше наведена од компанијата за оваа одлука е злоупотребата на мал број на корисници на сервисот, кои што искористувале дури по 75 TB на простор. Microsoft изгледа сепак овој сервис сака да го гледа како надополнување на другите сервиси, а не како самостоен за чување на секакви податоци.

До некаде можеме да ја разбереме одлуката за откажување на неограничениот простор, иако ова тешко се оправдува кога веќе еднаш е воведено нешто. Сепак, 1 TB колку што треба да им остане на корисниците на Office 365, не е воопшто малку, па поголемиот дел од корисниците и нема ни да му се доближат.

Чудна е одлуката за намалување на бесплатниот простор од 15 GB. Изгледа од Microsoft имаат заклучено дека 15 GB се повеќе од доволни за повеќето корисници, па скоро никој од овој вид на корисници не се одлучува да плати за повеќе простор. Меѓутоа, прашање е колку ваква одлука би можела да доведе до зголемување на приходите.

Сепак, ќе оставиме простор од компанијата целосно да ги „испеглаат“ ставовите околу овој случај, па да излезат со подобро објаснување.

Доколку и вие сакате да го дадете својот глас за задржување на сегашните ограничувања, истото можете да го направите на User Voice страната, достапна преку линкот во продолжение.

Извор: UserVoice, Windows Central

Претходна статијаРусија ќе има човечка мисија на Месечината до 2029 година
Следна статијаSamsung Galaxy S6 Edge е лесен за пробивање од страна на хакерите
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.