Според некои, Русија (СССР) ја „изгуби“ вселенската трка. Најчесто спомнуваат дека прв човек на Месечината е преку мисија од САД, а не од СССР, и покрај тоа што првиот човек во вселената, првата жена како и првото животно се пратени токму од СССР.
По распадот на СССР руската вселенска програма соочена со слабо финансирање прилично ја намали својата активност, па и покрај тоа што во 1997 г. беше најавена човечка мисија на Месечината таа никогаш не беше остварена. Се` до 2029 г., се чини.
Руската федерална агенција за вселенски истражувања, Роскосмос, објави дека планира да постави човечка мисија на Месечината до 2029 година. Во меѓувреме се водат преговори со ЕВА (Европската вселенска агенција) за заедничко остварување на овој подвиг.
Некој би помислил дека ова е можеби „непотребно“ бидејќи сега новата хистерија е околу качување на луѓе на Марс. Сепак, Месечината е далеку поблизок и подостапен објект, релативно гледано. Кина пред некое време успеа да оствари мисија без екипаж која слета на површината на нашиот сателит, а ќе се врати за некоја година. Не треба да се спомне дека исполнувањето на оваа мисија ќе ја направи и марсовата мисија уште поверојатна.
Леталото кое ќе биде специјално за оваа мисија во моментов се изработува во Москва, а првиот лет ќе го има во 2021 година. Мисијата би се остварила на следниот начин: приклучување со МВС (Меѓународната вселенска станица) во 2023 година, откаде ќе продолжи кон Месечината во 2025-та.
Откога ќе слета ќе се создаде месечинско „село“ од астронаути кои би поминувале по неколку месеци на површината, нешто што ќе има голем негативен ефект врз нивното здравје со оглед на тоа дека екстремно малата гравитација предизвикува ослабување на коските и мускулите, а космичкото зрачење може да го оштети мозокот и другите внатрешни органи.
Ние будно ќе го следиме развојот на настаните, па се надеваме дека ќе се оствари до 2029 година.
Извор: RT, The Verge, Daily Mail