Nvidia со лансирањето на Pascal архитектурата, на пазарот донесе прилично моќни графички картички, по многу пониски цени од порано. Сепак, доколку сакате да ги играте најновите игри, ќе мора да купите минимум 1050, графичка која не може секој да си ја дозволи. Од друга страна, оние кои играат “e-sports” игри или пак сакаат да гледаат 4K видеа на својот компјутер, сега имаат опција со GeForce 1030.

Се работи за супер евтина графичка картичка, која како што јас често се изразувам „треба да ја има во секој десктоп компјутер, наместо вградената на процесорот.“ Цената на GeForce 1030 изнесува 79 долари (референтна цена од Nvidia), но веќе има такви со пониски цени од хардверските партнери, кои се движат од 70 до 75 долари.

Перформансите кои може да ги очекувате од неа треба да се одлични за игри од типот на LOL, а таа супериорно може да се покаже и доколку го користите компјутерот за мултимедијални содржини, односно како своевиден „плеер“ на големиот телевизор во дневната соба.

GeForce 1030 има 384 CUDA јадра и 64-битен мемориски интерфејс – и во двата случаи скоро половина од она што го може 1050-ката. Работниот такт стигнува до 1.468 MHz при “boost”, а 1030-ката е доволно моќна и да поддржи 8К излез од 7680х4320 пиксели при 60 Hz преку DisplayPort 1.4 или HDMI 2.0b. Nvidia GeForce 1030 има побарувања од 300 ватно напојување, што е исклучително малку за компјутер во кој има дополнителен графички чип, воопшто.

Извор: PCWorld, PC Gamer, Nvidia

Претходна статијаНајдобрите Android апликации според Google за 2017
Следна статијаНа Apple му е одобрен патент за смартфон без рамка и вграден читач за отпечатоци во дисплејот