intel.web.480.270

Како што напредуваат компјутерската и машинската техника и технологија, така сме сведоци на минијатуризација на истите. Паметните мобилни телефони, таблетите и преносните пуштачи на музика докажаа дека технологијата не мора да биде потешка од 1 килограм за да ги остварува сите овие функции брзо и по пристапна цена. Веројатно сите знаеме за Chromecast и AppleTV, обидите на Google и Apple да го донесат Интернетот на телевизискиот екран. Во последно време гледаме обиди кон сместување на се’ помоќни уреди во таа минијатурна зафатнина.

Покрај другите најави од CES2015 Intel го претстави и Compute Stick. Compute Stick е уред кој е малку поголем од Chromecast, но во себе содржи четиријадрен Intel Atom Z3735F Bay Trail процесор, 2GB RAM меморија, 32GB внатрешна флеш меморија, Bluetooth и WiFi радио и микро- и обични USB порти. Секако, содржи и HDMI излез за да може да се поврзе со телевизор и да ви донесе оперативен систем по желба – Windows 8 или Linux.

Со овој уред Intel сака практично вашиот преносен компјутер да го смести во едно преносливо парче опрема кое можете да го носите каде што сакате и да го вклучите на било што – овозможувајќи ви соодветни перформанси и пренос на документи, како и прегледување на YouTube, Netflix и останати редовни сервиси кои ги користите на вашиот стандарден компјутер.

На уредот ќе можете да ги стартувате сите апликации кои редовно ги користите на Windows или Linux, но секако сте ограничени со перформансите кои може да ви ги даде Intel Atom процесорот (Intel наговести дека можеби во иднина ќе вгради од Intel Atom M процесорите кои обезбедуваат подобри перформанси).

Двете варијанти (Windows и Linux) ќе чинат различно и ќе имаат различно количество на внатрешна меморија – Linux верзијата ќе има дупло помалку RAM и останата меморија. Соодветно на тоа ќе се разликува и нивната цена – Windows верзијата ќе чини околу 150 долари, а Linux 90 долари, што ќе се согласиме дека воопшто не е некоја страшна цена за уред од овој калибар кој има потенцијал да го замени вашиот десктоп и таблет компјутер.

Извор: ZDNet, Engadget, Intel

Претходна статијаDell Venue 8 7000 – премиум таблет од Dell
Следна статијаLG и Audi претставија паметен часовник кој работи на webOS