Може да се каже дека една од главните нови работи кои што ги претстави Microsoft со претставувањето на Windows 10, беше новата Windows Insider програма. Иако и досега имаше начин како да го дадете своето мислење за производите од компанијата, со оваа програма Microsoft најсериозно до сега го слуша вашиот фидбек. Корисниците преку оваа програма, меѓутоа и другите места како форумите и слично, го даваат своето мислење за развојот на оперативниот систем, што е тоа што им се допаѓа, како и што е тоа што сакаат да го видат додадено.
Оваа недела Microsoft ја пушти првата надградба на Windows 10 Technical Preview која што е резултат како што тие велат на огромниот број на добиен фидбек од корисниците. Оваа верзија вклучува преку 7.000 заднински новини, но и неколку кои што корисниците веднаш ќе ги забележат. Надградби на тест верзијата може да се очекуваат почесто, а тие ќе секогаш ќе вклучуваат некоја нова функција. Ова всушност треба да биде новиот начин на надградба на оперативниот систем и по финалната верзија, наместо досегашната практика на ретки, но големи надградби.
Верзијата на оперативниот систем, односно на таканаречениот build со надградбата се зголемува од 9841 на 9860. За да го надградите вашиот систем треба да ја вклучите модерната PC Settings апликација и да отидете во делот Update and Recovery. Во тој дел е додадена опцијата Preview Builds која што ќе се користи за инсталирање на сите нови верзии. Надградбата не можете да ја направите преку десктоп околината, односно Control Panel алатката. Надградбата е со големина од 2 до 2,74 GB, зависно од видот на хардвер и ги вклучува следните новини:
ЦЕНТАР ЗА НОТИФИКАЦИИ (ACTION CENTER)
Оваа функција беше дел од шпекулациите и беше очекувана во првата верзија од Windows 10. Доколку мислевте дали се работи за грешна информација, се покажа дека од компанијата сепак имаат работено на истата. Центарот за нотификации е додаден во десниот дел од taskbar-от до системските икони. Во оваа фаза е едноставен и основен, односно не овозможува ништо повеќе од прегледување на нотификациите кои што се организирани во групи исто како на Windows Phone. Нотификациите кои се прикажуваат се од сите инсталирани програми, апликации и системски информации, па веќе нема да има нешто кое што би го пропуштиле додека работите.
ЛЕСНО ПРЕФРЛУВАЊЕ НА АПЛИКАЦИИ ОД ЕДЕН НА ДРУГ МОНИТОР
Доколку работите со повеќе од еден монитор, сега можете полесно да ги префрлате активните апликации од еден на друг. За таа намена додаден е shortcut кој што можете да го користите наместо влечењето со маусот. За да префрлите апликација од еден на друг монитор треба да притиснете на Windows копчето + CTRL + левата или десната стрелка за менување од еден на друг монитор. Се разбира ова се однесува за моментално активната апликација која што ја користите.
АНИМАЦИЈА ПРИ МЕНУВАЊЕ НА ВИРТУЕЛНИТЕ ДЕСКТОП ОКОЛИНИ
Ова е нешто што според Microsoft е дел од фидбекот кој што го добиваат од корисниците. Тие имаат истакнато дека не е лесно да се забележи дали промената на десктоп околината е направена. Поради тоа промената сега е проследена со анимација, па сигурно ќе биде забележлива.
Со надградбата на новата верзија, додадена е нова опција во делот за надградби на Preview Builds. Можете да изберете дали сакате надградбите да ги добивате брзо, односно веднаш штом ќе стигнат на ред за Technical Preview корисниците или побавно, односно после корисниците на побрзиот начин. Доколку изберете да добивате надградби побавно, надградбите ќе ги добивате нешто поретко, но се очекува тие да бидат постабилни и со нешто помалку багови. Сепак се работи за тест верзија, па до излегувањето на бета и финалната верзија, може да се очекуваат доста проблеми.