800px-Xiaomi_logo.svg

Сигурно дека до сега на повеќе од вас ви е позната кинеската компанија Xiaomi која што покрај долгогодишното развивање на познатиот алтернативен Android ROM, MIUI, почна со изработка на мобилни уреди и друга електронска опрема. Карактеристично за производите на Xiaomi е нивниот одличен изглед, хардвер од високата класа, MIUI корисничкиот интерфејс и сето тоа за цени кои што се пониски од конкуренцијата.

Xiaomi веќе одреден период е еден од најголемите производители на мобилни уреди во Кина, а постепено своето присуство го проширува и во остатокот од светот. Поради тоа од компанијата започнаа процес на префрлување на корисничките податоци од серверите во Кина, на сервери во други земји, меѓу кои и на серверите на Amazon во САД. Ова се однесува на интернационалните корисници, додека податоците на кинеските корисници ќе останат на серверите во Пекинг.

xiaomi-mi-4

Оваа вест е важна поради две причини. Корисниците ќе добијат многу побрз пристап до сервисите од компанијата, како и побрза работа на cloud сервисите кои што доаѓаат со уредите. Повеќето компании кои што работат со поголемиот дел од светот практикуваат користење на сервери во повеќе земји со цел намалување на латенцијата и зголемување на брзината на комуникацијата.

Втората причина поради која што овој потег е важен е приватноста на податоците. Кина се’ уште претставува земја на која што многу малку и се верува кога се работи заштитата на приватните податоци на корисниците. Кога ќе се земе во предвид дека живееме во таканареченото пост – Сноуден време, време кога веќе никој не верува дека на интернетот постои приватност на податоците, Кина уште толку повеќе важи за една од земјите со најмала приватност.

Xiaomi веќе имаше проблем кога безбедносната компанија F-Secure откри дека одредени податоци без знаење на корисниците се испраќаат на сервери во Кина. Се разбира не се дозна дали до тие податоци имаат пристап кинеските власти, меѓутоа влијанието на довербата тешко може да се одбегне.

Користењето на сервери надвор од Кина треба значително да ја зголеми довербата која што корисниците ја имаат кон овој бренд. Податоците кои што ги чуваме онлајн никогаш не можеме да бидеме сигурни дека нема да бидат пристапени од некого, меѓутоа тоа веќе важи за било кој од другите компании. Xiaomi со овој потег, ако не друго, се доведува на ниво на конкурентите.

Информацијата за започнување на префрлување на податоците надвор од Кина ги објави интернационалниот заменик директор на компанијата Hugo Barra преку неговиот Google+ профил.

Извор: Engadget, TechCrunch, Hugo Barra

Претходна статијаПрва надградба на Windows 10 тест верзијата, донесува центар за нотификации
Следна статијаКомпанијата Дајсон го откри својот напреден навлажнувач на воздухот – Hygienic Mist
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.