sense-glass

Замислете си ситуација каде што разговарате со некоја привлечна девојка, или симпатично момчe. Или пак ситуација кога се наоѓате во вжештена расправија со ваш колега или претпоставен. Дури и кога ги визуелизирате овие ситуации, вашето срце почнува да отчукува поагресивно. Што би направиле доколку би можеле да дознаете како вашето тело реагира на овие надворешни дразби? Кои чекори би ги презеле за во иднина полесно да се справите со стресни ситуации? Научници од Џорџија Институтот за Технологија и Институтот за Технологија во Масачусетс (MIT) во САД открија начин како да ги употребат очилата создадени од Google, Google Glass, со цел да можете да „ѕирнете“ во вашата моментална емоционална состојба.

Водечкиот научник на овој проект, наречен SenseGlass, Хавиер Фернандез, пронашол начин да ги искористи жироскопот, камерата и акцелерометарот вградени во Google Glass и преку нив со висока прецизност да измери низа физиолошки индикатори како пулсот, во релација со насоката во која ротира главата на лицето кое ги носи Google Glass очилата. Преку собирањето и анализата на овие податоци, корисникот може да ја воочи својата моментална емоционална состојба, како реагира на стресни стимулации и соодветно на тоа да преземе чекори за да го подобри своето целокупно расположение.

Но, оваа апликација нема цел единствено да собира и прикажува податоци, туку истите ќе може да ги обработи контекстуално. Вградената камера во Google Glass ја снима околината во која што се наоѓа корисникот и ги анализира собраните податоци и реакциите на корисникот во контекст на тоа што тој/таа го гледа во моментот кога ги искажал овие реакции. Целта е корисниците да имаат активна улога во моделирање на своето расположение и на крајот, општо подобрување на својата душевна благосостојба.

„Да речеме дека сакате да избегнете депресија,“ вели Хернандез „Можеби би сакале да дознаете во кој момент постои ниска варијација на бројот на отчукувања на вашето срце како одговор на некоја надворешна дразба или нешто слично и потоа да направите неколку фотографии преку кои можете да рефлектирате на вашиот секојдневен живот на еден значаен начин“.

Апликацијата е исто така полезна и за лицата кои што патат од аутизам. На овој начин, тие ќе можат полесно да ги препознаат емоциите кои тие самите ги чувствуваат, како и емоциите на лицата со кои што секојдневно комуницираат. Сепак, додека SenseGlass е дизајниран за препознавање на емоциите кои ги чувствува корисникот, експериментални технологии како Emotient и SHORE се дизајнирани со цел препознавање на емоциите, полот и возраста на вашиот соговорник.

Извор: Wired, New Scientist

Претходна статијаNASA направи делови за ракетен мотор користејќи 3D принтери
Следна статијаSony претстави нова серија моќен soundbar HT-ST5 со бежичен вуфер