detachable-cabin

Што сè нема да им текне на пронаоѓачите. Рускиот инженер Татаренко Владимир Николаевич во последните три години работи на проект кој би овозможил спас на несреќните патници на кои им се случува авионска несреќа.

Идејата

Неговото решение е едноставно – исфрлете ги патниците како партал надвор од авионот во кабина која се откачува. Откога ќе се откачи се пуштаат падобрани кои ја спуштаат кабината безбедно на површината. Ако ја спуштат на вода веројатно ќе се претвори во галија налик нашите што ги имаме во Вардар. Патниците ќе можат и да каснат нешто додека чекаат да бидат пронајдени и спасени, што претставува значително подобрување од очекувањето практично сигурна смрт за неколку минути при слободен пад.

Николаевич само што ги објави дизајнерските планови во јавноста кои ја опишуваат идејата во технички детали. Според него, 95% (2-сигма) од луѓето со кои разговарал изјавиле дека се спремни да платат и поголема карта за да летаат со ваков авион. Дополнително, во неговиот дизајн влегуваат и простори под патниците за чување на нивниот багаж, па во случај на несреќа да им се зачуваат работите кои ги носат со нив.

Реакција и мислење

Не секој е супероптимистичен околу оваа идеја. Некои експерти сметаат дека изведувањето на засебен патнички дел како кабина ќе предизвика ослабување на структурата на трупот, што би можело да создаде непосакувани негативни ефекти при летот, па дури и да предизвикува повеќе несреќи.

Исто така откачената кабина би можела при падот да се удри во некое брдо или зграда. Сепак, имајќи предвид дека патниците добиле уште една шанса да преживеат, не верувам дека овој ризик би можел да се назначи како „проблем“ за дизајнот на Николаевич.

Тоа што мене ми текна како проблем е што торбите на патниците ќе бидат веднаш под нив. Разни неизживеани будали како тие од ИД можат на тој начин многу лесно да пренесат оружје со кое би киднапирале авион, или едноставно да наместат бомба. Додуша, ако успеале да бутнат бомба во авион каде и да експлодира ќе го сруши авионот, па нема толкава разлика дали е веднаш под патниците.

Мене исто така ме интересира со кои луѓе Николаевич разговарал, па го утврдил бројот од 95% кои би ја прифатиле идејата. Според процентот би требало да разговара со барем 20 луѓе (освен ако не разговарал со 10, од кои едниот бил пола-пола за идејата).

Во меѓувреме, можете да си го исполните денот со гледање интересни авионски несреќи:

Дополнителни информации: Independent, Mashable

Претходна статијаНаучниците создаваат живи делови од телото по пат на 3Д печатење
Следна статијаСедум причини поради кои не смеете да ја пропуштите серијата Милијарди